Бигорскиот манастир денеска ја одбележува својата манастирска слава – Рождеството на свети Јован Крстител (Иванден). Во пресрет на празникот, во манастирот беше отслужено сеноќно бдение на кое присуствуваа бројни монаси и верници од Македонија, како и гости од Света Гора, Грција и Романија.

Особено внимание привлече посетата на цивилниот управител (гувернер) на Света Гора Атонска и архонт на Вселенската и на Александриската патријаршија, Алкивијадис Стефанис, кој за првпат ја посети Бигорската обител. Во манастирот неговото доаѓање беше оценето како историски значајно, бидејќи станува збор за прва посета на толку висок претставник на светогорската држава.
Стефанис пристигна заедно со познатиот светогорски старец Антипа. На богослужбата присуствуваа и архимандритот Матеј од Света Гора, архимандритот Продром од Митрополијата Карпениси, архимандритот Филарет од Митрополијата Тива, протоерејот Темистокле од храмот „Свети Елевтериј“ во Атина, како и јероѓаконот Хризостом од Света Гора.
Иако претходно беше најавено и доаѓањето на епископот Ексамилиски Епифаниј, викар на Вселенскиот патријарх, неговата посета беше откажана поради непредвидени здравствени причини. 
Пред почетокот на бдението, игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Партениј, во поздравното обраќање ја истакна длабоката духовна поврзаност меѓу Бигорски и Света Гора.
„Вашето доаѓање го доживуваме како мост на љубов, почит и духовно сродство меѓу Бигорскиот манастир и Светата Гора Атонска; меѓу гората на Претечата и Богородичната Градина“, рече епископот Партениј.
Тој потсети и на духовната поддршка што братството ја добивало од блаженоупокоениот старец Георгиј Капсанис, долгогодишен игумен на светогорскиот манастир Григоријат.
„Кога дојде времето да се вратиме во нашата татковина, тој нè благослови и нè опомена дека манастирите треба да бидат отворени за секого; дека народот е жеден за живо монаштво; дека обителите не смеат да бидат затворени тврдини, туку прегратки на Црквата“, истакна Партениј.
Во своето обраќање, гувернерот на Света Гора изрази благодарност за пречекот и рече дека долго време сакал да го посети Бигорскиот манастир, за кој слушал многу пофални зборови.
„Што најнапред да споменам? Возобновувањето од пепелта на ова прекрасно место? Исклучителните резби на иконостасот? Светата икона? Вашата духовност и начинот на кој ги раководите младите? Нека Ве чува Бог за да продолжите да служите на ова прекрасно место“, рече Стефанис.
Тој ја истакна и силната вера на верниците, нивната љубов кон епископот Партениј, како и присуството на млади од Македонија кои се школуваат во Атонијадата, нагласувајќи дека Света Гора е горда на нив.
„Се радувам, Старче, бидејќи гледам овде многу монаси, почитувани монаси од Света Гора. Навистина чувствуваме дека сме на Света Гора. Впрочем, и Вие самиот сте светогорец“, рече тој.
Најсилен впечаток остави неговата завршна порака, во која симболично го нарече Бигорски „дваесет и првиот светогорски манастир“.
„Кога сум на Света Гора, ме прашуваат кој ми е омилен манастир, а јас одговарам дека сите дваесет манастири ми се омилени. Отсега ќе велам дека дваесет и еден манастир ми се омилени, додавајќи ја и оваа света обител“, порача Стефанис.
Свеченоста беше збогатена и со настапот на византискиот хор „Нектариј Протопсалт“ од Букурешт, кој допатува од Романија заедно со својот духовник, протоереј Јован, давајќи дополнителен меѓународен белег на празничното богослужение.
Во Бигорски оваа посета се оценува како потврда на долгогодишните духовни врски меѓу манастирот и Света Гора, како и сведоштво за единството на православното монаштво и богослужбената традиција.
Утрово, на празникот Рождество на свети Јован Крстител – Иванден, во Бигорски се очекува пристигнувањето на митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, кој ќе чиноначалствува со светата архијерејска литургија заедно со гостите и братството на манастирот.




