дома Македонија Политика Еврокомесарката Кос за МИА: Покажавте силни перформанси за реформската агенда, доаѓам во...

Еврокомесарката Кос за МИА: Покажавте силни перформанси за реформската агенда, доаѓам во Скопјe за да охрабрам прогрес и во преговорите за пристапување

  Покажавте силни перформанси во рамките на реформската агенда. Доаѓам во Скопјe за да ја охрабрам Владата да го стори истото тоа и во пристапните преговори затоа што сега имаме можност која се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето – вели во интервју за МИА еврокомесарката за преговори за проширување и соседска политика непосредно пред нејзината утрешна посета на Скопје.

– Северна Македонија покажа дека може да испорача резултати кога има политичка волја. Ова јасно го гледаме во нејзините силни перформанси во рамките на реформската агенда. Ќе дојдам во Скопјe за да ја охрабрам Владата да го стори истото тоа и во преговорите за пристапување. Сега имаме можност која се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето. Ова доаѓа со јасни избори. Оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат. Ова го гледаме најјасно во Црна Гора и Албанија. Оние што не ги исполнуваат своите обврски, заостануваат. Во моменти на забрзување застојот значи фактичко назадување – вели еврокомесарката Кос на прашањето дали има предвид нова иницијатива за деблокада на македонската евроинтеграција.

Според неа, напредокот во преговорите за пристапување бара клучен елемент: доверба меѓу земјите кандидати и земјите членки.

– Според моето искуство, таквата доверба првенствено се гради врз два елемента: исполнување на обврските и ставот на земјите кандидати кон ЕУ и нејзините земји членки. Ова почнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден. Убедена сум дека ова би било случај и за Северна Македонија – нагласува Кос.

Таа притоа укажува дека досега нема случај на давање гаранции на земја кандидат дека нема да се појави друг спор за време на пристапниот процес до ратификацијата на договорот за пристапување од последната од 27-те земји членки.

Комесарката за проширување Кос ќе пристигне утре во Скопје да разговара за патот на земјата кон ЕУ и напорите за реформи, со фокус на спроведувањето на агендата за реформи во рамките на планот за раст за Западен Балкан. До денес, посочуваат, земјата добила 142,1 милиони евра во рамките на Инструментот за реформи и раст по напредокот во спроведувањето на клучните реформи.

ПредходнаОд својата фирма префрлале пари на блиски лица, извлекле над 1,2 милиони евра, па ја однеле во стечај
СледнаСела: Албанска лига е за отворени листи, осум изборни единици и гласање на дијаспората електронски или по пошта на сите изборни циклуси