дома Македонија Економија 224 амандмани на маса: Продолжува расправата за ребалансот на Буџетот

224 амандмани на маса: Продолжува расправата за ребалансот на Буџетот

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја отвора амандманската расправа за предложениот ребаланс на Буџетот, откако заврши општата дебата. На дневен ред се вкупно 224 амандмани поднесени од пратеничките групи.

 

Најголем број измени предложила ДУИ со 87 амандмани, следуваат СДСМ со 78, Левица со 51 и коалицијата ВРЕДИ со осум.

Според собраниските правила, расправата по амандманите може да трае најмногу десет работни дена. По нејзиното завршување, ребалансот ќе биде доставен на разгледување и гласање на пленарна седница.

Во текот на општата расправа власта и опозицијата изнесоа различни оценки за предложените измени. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ребалансот ќе обезбеди дополнителен развоен импулс преку поголеми капитални инвестиции, нови инфраструктурни проекти и поттик за економскиот раст и вработувањето.

Од друга страна, СДСМ оцени дека буџетските проекции се нереални и се темелат на преголем оптимизам, поради што, според партијата, нивната реализација ќе биде тешко остварлива.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека измените не произлегуваат од проблеми со приходите или ликвидноста на државата, туку од потребата Буџетот да се приспособи на актуелните економски околности. Таа нагласи дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за исплата на повисоки плати во одредени сектори, поддршка за земјоделците, социјалните програми, општините и капиталните инвестиции.

Според предложениот ребаланс, вкупните буџетски приходи се проектирани на 379,2 милијарди денари, што е за 4,2 милијарди денари повеќе од првичниот план. Расходите се утврдени на 425,2 милијарди денари, а средствата за капитални инвестиции достигнуваат околу 46 милијарди денари, што претставува зголемување од 14,5 проценти. Владините проекции предвидуваат економски раст од 3,5 проценти, инфлација од 4,5 проценти и буџетски дефицит од 4,1 процент од бруто-домашниот производ.

 

Предходна„MЕТЛА“ вo Majĸpocoфт: Илjaдници oтпyштeни, најпогоден бизниcoт co игpи
СледнаЃорѓиевски: Светна уште еден мост – Мал детал што носи голема разлика