дома Свет Германија е подготвена да ги замени САД во НАТО со свои бродови,...

Германија е подготвена да ги замени САД во НАТО со свои бродови, борбени авиони и беспилотни летала

Германија понуди да му обезбеди на НАТО воени бродови, борбени авиони и беспилотни системи како замена за дел од ресурсите што досега ги обезбедуваа САД , објави ДПА.

Соединетите Американски Држави неодамна одлучија да намалат дел од своите воени капацитети вклучени во моделот на сили на Алијансата – механизам преку кој сојузниците ги споделуваат своите расположиви ресурси во случај на напад врз воениот сојуз.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, исто така, објави планови за повлекување на илјадници американски војници од Германија , иако сè уште не е утврден конкретен распоред.

Според германскиот предлог, Берлин ќе обезбеди по една фрегата од класата Ф125 за двете заеднички оперативни зони на НАТО – Северозападната зона, со седиште во Норфолк, САД, и Југоисточната зона, предводена од Неапол, Италија.

 Во Југоисточната оперативна зона ќе биде додаден и систем за воздушна одбрана ИРИС-Т .

Според германските вооружени сили, фрегатата Ф125 е високотехнолошки борбен брод дизајниран за широк спектар на задачи, вклучувајќи поморски надзор, спроведување мерки за ембарго и антипиратски операции.

Германија може да обезбеди и два поморски патролни авиони P-8 Poseidon за Југоисточната оперативна област. Тие се опремени со радар, акустични системи и оптички сензори со висока резолуција и можат да учествуваат во операции за откривање и контрамерки на подморници.

Покрај тоа, планирано е распоредување на уште осум ловци „Еурофајтер“ во северозападниот дел на Алијансата.

Меѓу другите можности што ги нуди Германија се корветата за крајбрежно поморско набљудување K130, како и пет дронови Heron TP и два борбени дрона MQ-9B, сите произведени во САД.

Германската армија нарача осум од овие борбени беспилотни летала од американската компанија „Џенерал Атомикс“ во јануари. Тие се наменети првенствено за операции во поморска средина, а првите испораки се очекуваат во 2028 година.

ПредходнаМицотакис: Споровите во НАТО треба да се решаваат со дијалог, а не со закани