дома Македонија Политика Сиљановска – Давкова: Mотото „Посилна Европа – Посилно НАТО“ значи проширена и...

Сиљановска – Давкова: Mотото „Посилна Европа – Посилно НАТО“ значи проширена и обединета Европа базирана на принципи и вредности

Сиљановска - Давкова: Mотото „Посилна Европа - Посилно НАТО“ значи проширена и обединета Европа базирана на принципи и вредности

 – Mотото „Посилна Европа – Посилно НАТО“ според мене значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа е Европа која живее во мир и демократија базирана на принципи и вредности. Тоа е мојата порака, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова во кусата изјава за медиумите пред состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, што се одржува во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара.

Во пресрет на самитот на НАТО, Сиљановска Давкова синоќа присуствуваше на приемот организиран од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.

– Во духот на сојузништвото и меѓусебната почит, со шефовите на држави и влади разменивме мислења за натамошното обликување на евроатлантската безбедносна архитектура, јакнењето на колективната одбрана и зацврстувањето на трансатлантското единство. Убедена сум дека со политичка мудрост, заемна доверба и цврста посветеност можеме да креираме решенија во служба на мирот, стабилноста и безбедноста, објави претседателката на Фејсбук.

Сиљановска-Давкова на самитот ја предводи македонската делегација во чиј состав се министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и генерал-мајор Сашко Лафчиски, началник на генералштабот на Армијата.

Дводневниот самит во Анкара ги собира лидерите од 32-те земји членки на НАТО, меѓу кои се американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Марк Карни, финскиот претседател Александар Стуб, словачкиот претседател Петер Пелегрини, албанскиот премиер Еди Рама, бугарскиот премиер Румен Радев, црногорскиот премиер Милојко Спаиќ…

На самитот ќе присуствуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Покрај 32 шефови на држави и влади на НАТО, на самитот се присутни и речиси 100 министри, високи дипломати, претставници на меѓународни организации, заедно со неколку илјади дипломати, новинари и други гости.

ПредходнаУште едно лице убиено за време на проверка од страна на имиграциските служби во САД
СледнаСДСМ: Се потврди дека на Мицкоски не му е ниту до реформи, ниту до Изборен Законик