
Македонија нема доволен број на пречистителни станици, а и некои постоечки се веќе застарени. Изградбата на пречистителните станици во Тетово, Битола и Скопје се одвива со пролонгирања. Странски пари во Македонија се или несоодветно потрошени или пропаднати или, пак, не преостанува многу време за нивно искористување, пренесува nota.mk
Во 2016 евроамбасадорот Самуел Жбогар и шпанскиот амбасадор Абароа Каранса ја најавуваат изградбата на пречистителната станица во Тетово. Министерството за животна средина во 2017 година презентира проект за изградба и се најавува изградбата за 2018 година. Наместо тоа, во 2019 година се трошат 2,3 милиони евра домашни пари и 700.000 евра норвешки пари за чистење на депонијата во тетовското село Фалише, на која треба да се гради станицата.
„Овој проект е мултидимензионален, не само по фактот што ќе исчисти една ваква депонија, но и ќе создаде предуслови да се гради пречистителна станица. Отпадните води ќе ги чисти од целиот регион. Ќе покажеме одговорност и спрема регионот, бидејќи оваа вода ќе оди во Грција. Ќе станеме кредибилен фактор на регионот во заштита на животната средина и на граѓаните, кои живеат на континентот“, рече на 17.07.2019 година тогашниот вицепремиер за евроинтеграции, Бујар Османи.

По седум години, трите милиони евра се потрошени, а во Фалише повторно се наоѓа дива депонија, од која се шири неподнослива миризба.
Контроверзни фирми за надзор
Испративме прашања до Општина Тетово на 8 Април. Потоа, во телефонски разговор со две лица во општинската администрација, ни беше речено дека во однос на пречистителната станица не можат да најдат никакви документи во општинската архива, освен еден, бидејќи претходното раководство не оставило ништо. Касами е градоначалник во втор мандат и е на функцијата од август 2021 година.
Додека ние чекавме одговори, следната недела – на 17 Април, гадоначалникот Биљал Касами излезе пред медиумите и изјави дека е одбрана фирма, која ќе ги гради колекторот и пречистителната станица и дека летово треба да се почне со градбата. Името на фирмата не е познато во јавноста, а на интернет се наоѓа дека на почетокот на мај е потпишан договор за надзорот, кој ќе го врши италијанската ИРД Енџинринг (IRD Engineering) во конзорциум со романската фирма Ромер Консалтинг (Romair Consulting).

За првата, италијанска компанија, пред три години, Јуропиен Вестерн Балканс информираше дека со други три фирми го добила надзорот над изградбата на автопатите во Македонија од страна на Бехтел и Енка, избирајќи три спорни фирми за соработка.
„ИРД Енџинринг консорциумот се смета за контроверзен, поради сомнежи во кредибилитетот на компаниите што учествуваат во него. Три од четирите компании во консорциумот се под истрага за различни корупциски скандали, што отвора прашања за нивната способност да го надгледуваат работењето на Бехтел и Енка“, стоеше во истражувањето на Јуропиен Вестерн Балканс, објавено на 13.04.2023 година.
За романската Ромер Консалтинг се наоѓа дека сопственикот Георге Боеру се смета за високо контроверзна фигура во Романија, поврзана со високопрофилирани политички и коруптивни скандали, за кои информирале истражувачки новинари.
Избегнати конкретни одговори
На 13 Мај, скоро еден месец по изјавата на Касами за изборот на фирмите, добивме писмен допис заверен три дена по пласираната информација во јавноста, во кој стои дека имплементацијата на проектот е во завршна фаза. Во одговорот стои и дека Извештајот за евалуација е доставен до Делегацијата на ЕУ на разгледување. Нема конкретен одговор на прашањето дали поради пролонгирање на изградбата било потребно повторно чистење на локацијата и доколку да, дали за тоа биле потребни средства од ЕУ-фондови или од други извори?
„Капацитетот на пречистителна станица за отпадни води е планирана за 95.152 еквиваленти на население, за да се усогласи со барањата на Директивата на ЕУ 91/271 ЕЕС за третман на урбани отпадни води. Со проектот се предвидува, освен градот Тетово, да бидат опфатени и населените места Порој, Џепчиште, Голема и Мала Речица и Фалише. Чистењето на дивата депонија лоцирана на местото наменето за изградба на идната пречистителна станица за отпадни води е завршено, согласно потпишаните договор со Дрисла-Скопје доо и Голец Транс дооел“, стои во одговорот од Општина Тетово.

Изгубени пари и трошок на државен буџет
Од Делегацијата на ЕУ укажуваат дека крајниот рок за имплементирање на ИПА 2 програмата, преку која се добиени средствата, е 31.12.2026 година. Истото важи и за пречистителната станица во Битола, која се пролонгираше како и тие во Скопје и Тетово.
„Општо правило, кое ја регулира повеќегодишната програма ИПА 2 за животна средина и транспорт (2014-2020), е дека средствата од ИПА мора да се потрошат пред 31.12.2026 година. Пречистителната станица во Битолa е во изградба и треба да биде во функција од 2028 година, па затоа сите настанати трошоци во периодот до нејзиното ставање во функција ќе се сметаат за неприфатливи според правилата на ЕУ“, стои во одговорот од Делегацијата на ЕУ.
Поради бавност на администрацијата и функционерите, Македонија изгубила над 31 милион евра – пари одобрени од ЕУ, кои биле наменети и за потребната инфраструктура за собирање и третман на отпадните води.

„Она што треба да се напомене е дека во рамките на IPA II имало откажување од 135 милиони евра, од кои околу 23% може да се припишат на активностите првично планирани во рамките на приоритетната линија „Воспоставување инфраструктура за собирање и третман на отпадни води што ги исполнува барањата на ЕУ“, припишана на планскиот период 2017-2018-2019-2020. Откажувањата се случуваат поради доцнење на набавките, доцнење на подготовката на тендерската документација, долги процеси на евалуација. Како резултат на тоа, голем број проекти останаа нереализирани во рамките на утврдениот рок. Загубата од 135 милиони евра вклучува нереализирани проекти во двата сектора – Транспорт и Животна средина. Во оваа фаза, овие бројки не ги вклучуваат средствата наменети за пречистителната станица за отпадни води во Битола“, информира Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Над една милијарда евра ќе чинат сите станици
Дека во Македонија има недоволен број на станици за третман на отпадните води, потврдува и Министерството за животна средина, преку документот наречен „Времен извештај за значајни прашања поврзани со управување со водите – слив на реката Вардар“, во кој стои дека:
„Иако повеќето урбани подрачја имаат канализациони мрежи, многу од овие системи се застарени, лошо одржувани или незавршени. Бројот на функционални пречистителни станици за отпадни води (ПСОВ) е ограничен и повеќето од нив се застарени и често работат со намалена ефикасност“.
Според Делегацијата на ЕУ во Македонија, само 25 проценти од населението во земјата има пристап до пречистителна станица. Во ЕУ тој процен е околу 81. Прашавме – колку пречистителни станици мора да бидат изградени во земјата?

„Потребни се 87 пречистителни станици за отпадни води, од кои 17 треба да бидат со терцијален третман. Вкупната потребна инвестиција за исполнување на барањата на Директивата за третман на урбани отпадни води во 2017 година е проценета на 1,2 милијарди евра. Со тековната стапка на инвестирање, целосната усогласеност се предвидува за 2041 година“, стои во одговорот на Делегацијата на ЕУ.
Тоа значи дека 70 пречистителни станици во Македонија ќе го завршат третманот на отпадната вода во втората фаза, а 17 би требало да ја третираат и во трета фаза.
Која е разликата меѓу четирите фази?
Во првата, или примарна фаза, преку решетки и таложници се врши механичко пречистување на отпадните води од крупни и цврсти материи, како ѓубре, песок, камења или масла.
Во втората, или секундарна фаза, со помош на бактерии и микроорганизми се врши биолошко пречистување, односно се отстрануваат органскиот отпад составен од фекални материи, остатоци од храна, но и растворени органски соединенија. Во специјални базени се внесува кислород за бактериите побрзо да го разградат органскиот отпад, по што тие се таложат како активна тиња.

Третата, или терцијална фаза, се фокусира на напредно хемиско пречистување и отстранување на нутриенти и честички кои не се раствораат во водата. Фосфор и азот, на пример, кои можат да предизвикаат цветање на алгите во реките и езерата, но и тешките метали, се отстрануваат со додавање на хемикалии – коагуланти, кои нив ги врзуваат и преку песочни или микрофилтри тие се таложат, а водата се дезинфицира со хлорирање, озон или УВ-зраци.
Во четвртата, или кватернерна фаза, се елиминираат микрозагадувачите, односно невидливите и долготрајни вештачки хемикалии, како лекови, антибиотици, хормони, пестициди, козметика, микропластика и индустриски хемикалии како ПФАС, кои бактериите не можат да ги разградат. Во оваа дополнителна фаза преку активен јаглен, озонска оксидација или мембранска филтрација се отстранат овие таканаречени микрозагадувања. Традиционалните пречистителни станици, кои завршуваат со трета фаза, често не се дизајнирани да ги разградат комплексните хемиски структури на современите лекови и пестициди.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Сања Петров
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Матни води“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.




