
Опозицискиот блок покажува тотална дезориентираност бидејќи откако првично беше постигнат напредок во разговорите за измените на Изборниот законик, тие веќе следниот ден решија да го блокираат законското решение, се вели во соопштението испратено утринава од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека последните прес-конференции и интервјуа на опозициските лидери од СДСМ, Левица и ДУИ направиле целосна конфузија во јавноста во врска со измените на Изборниот законик и кажаа оти овие партии во јавноста пласираат едни тези, додека зад затворени врати се преговарало за сосема различни прашања.
„Наместо да учествуваат во носењето на Законот со кој ќе се зголемат демократските права за остварување на уставно загарантираното право на глас, оваа дезориентирана опозиција, сака враќање назад и намалување на правото на глас на дијаспората“, се вели во соопштението
Во обид да го деблокира процесот, од владејачката партија велат оти ќе го прифатат секое барање на опозицијата под услов да се унапреди правото на глас на дијаспората преку овозможување гласање по пошта или по електронски пат.
„Прво нека се договорат меѓу себе, сакаат една изборна единица, нека договорат и модел за финансирање, нека договорат и прифатлив начин за поплаките, а можат и да се договорат и да го изберат моделот за изјаснување, гласање, на дијаспората“,велат од ВМРО ДПМНЕ
Дополнително, рекоа и дека немаат никаков проблем да разговараат за сите отворени прашања кои се важни за реформите во политичкиот систем и за евроинтеграцијата на државата и оти нивната стратегија се дијалогот и конструктивноста, а не блокадите, поради што се подготвени веднаш да седнат на преговарачка маса доколку опозицијата успее да изгради единствен и кохерентен став.




