дома Култура Македонскиот КИЦ во Софија го отвори новиот програмски циклус чествувања со омаж...

Македонскиот КИЦ во Софија го отвори новиот програмски циклус чествувања со омаж на Петре М. Андреевски

 

Во духот на својата трајна програмска определба за афирмација, промоција и зачувување на македонското културно и духовно наследство, македонскиот Културно-информативен центар во Софија  деновиве свечено го отвори новиот циклус културни и книжевни настани посветени на одбележувањето значајни јубилеи и годишнини на истакнати личности и капитални дела што претставуваат темелни вредности на македонската национална култура, литература и духовност.

Македонскиот КИЦ во Софија го отвори новиот програмски циклус чествувања со омаж на Петре М. АндреевскиСо оваа нова програмска иницијатива македонскиот КИЦ во Софија уште еднаш ја потврдува својата улога на современ културен и духовен центар, кој доследно придонесува за меѓународната афирмација на македонските културни вредности, за негувањето на историското и духовното паметење и за продлабочувањето на научниот и културниот дијалог меѓу народите. Воедно, Центарот останува верен на својата мисија да биде простор во кој македонската книжевност, уметност и култура се претставуваат во нивната автентичност, универзалност и цивилизациска вредност.

Првиот настан од циклусот беше посветен на одбележувањето на дваесетгодишнината од упокојувањето на еден од најзначајните творци во современата македонска книжевност – академик Петре М. Андреевски, писател чие творештво претставува еден од највисоките дострели на македонската литература и трајно сведоштво за духовната, историската и културната самобитност на македонскиот народ.

Свеченоста ја отвори директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во своето поздравно обраќање истакна дека новиот циклус чествувања не претставува само културна програма, туку и национална обврска кон творците што ја изградија современата македонска духовна и културна вертикала. Тој нагласи дека зачувувањето на културната меморија е чин на одговорност кон минатото, но и инвестиција во иднината бидејќи преку книжевноста се зачувуваат јазикот, историското искуство, националната самосвест и духовниот континуитет на еден народ.

Во продолжение, проф. д-р Пејковски одржа богато книжевно излагање на тема „Жените во литературата на Петре М. Андреевски“, при што посебен акцент стави врз романите „Пиреј“ и „Скакулци“ анализирајќи ги како дела во кои женскиот лик ја достигнува својата најдлабока симболичка и егзистенцијална димензија.

Притоа тој истакна дека жената кај Петре М. Андреевски никогаш не е само литературен лик, туку претставува духовен архетип, етичко начело и животворен принцип преку кој авторот ја гради својата филозофија за човекот, народот и историјата. Во романот „Пиреј“ жената се јавува како симбол на истрајноста, пожртвуваноста, љубовта и вечната борба за опстанок, како чувар на семејството, традицијата и националната меморија. Нејзината тивка сила, достоинството во страдањето и непоколебливата вера во животот ја претвораат во морален столб на заедницата и во најсилниот носител на надежта.

Осврнувајќи се на романот „Скакулци“, проф. д-р Пејковски нагласи дека женските ликови добиваат уште подлабока психолошка и духовна комплексност претставувајќи ги универзалните човечки вредности – достоинството, простувањето, моралната одговорност и духовната истрајност. Според него, Андреевски преку жената создава една од најсилните поетски визии во македонската литература, во која љубовта, страдањето и надежта се претвораат во трајни категории на човечкото постоење.

Во рамките на програмата свое исклучително инспиративно и научно втемелено предавање одржа и претседателката на Друштвото на писателите на Македонија, Гордана Јовиќ-Стојковска, која говореше на тема „Столб на вселената или поттикнувач на сите движења – жената во делото на Петре М. Андреевски“.

Поаѓајќи од антологиските дела „Пиреј“, „Тунел“ и „Дениција“, Јовиќ-Стојковска понуди длабока книжевно-естетска, културолошка и филозофска анализа на творечкиот свет на Андреевски покажувајќи дека жената во неговото дело претставува централно егзистенцијално и симболичко начело околу кое се слеваат најважните идеи за животот, љубовта, страдањето, слободата и духовното опстојување.

Особено внимание беше посветено на разните семантички и симболички димензии на женскиот лик. Во „Пиреј“,жената се издигнува до архетип на мајката, страдалничката и чуварката на животот и националното опстојување; во „Тунел“ таа прераснува во личност што преку самоспознавање и духовно созревање ја достигнува сопствената еманципација; а во „Дениција“ се воздигнува до возвишен симбол на љубовта, духовната полнота и космичката хармонија. Преку овие интерпретации беше нагласено дека женскиот принцип кај Андреевски претставува суштинска животворна сила, двигател на духовната преобразба и носител на човечката и културната вечност.

Настанот се одвиваше во исклучително свечена и инспиративна атмосфера, проследен со голем интерес од публиката, составена од претставници на академската и културната јавност, писатели, интелектуалци, дипломати и љубители на македонската книжевност. Разговорите што следуваа по излагањата потврдија дека творештвото на Петре М. Андреевски останува неисцрпен извор на нови книжевни, филозофски и културолошки читања и дека неговата мисла продолжува да биде жива и современа.

Со овој достоинствен почеток на новиот програмски циклус, македонскиот Културно-информативен центар во Софија уште еднаш ја потврди својата стратешка определба да биде мост на културниот дијалог, место на научна и уметничка размена и достоен чувар на највисоките достигнувања на македонската книжевна и културна традиција. Истовремено, македонскиот КИЦ во Софија испрати јасна порака дека почитта кон големите творци не претставува само сеќавање на нивното дело, туку и трајна обврска за негово ново читање, научно вреднување и афирмирање пред современата европска и светска јавност.

Токму преку ваквите програмски содржини македонскиот Културно-информативен центар во Софија продолжува доследно да ја исполнува својата културна и духовна мисија – да биде чувар, промотор и современ толкувач на македонската книжевност, јазик и културно наследство создавајќи нови простори за нивна меѓународна афирмација и зацврстување на нивното место во европскиот културен контекст.

Македонски културно-информативен центар во Софија

Предходна„Кинотека на Скопско лето“ – седум филмски вечери на македонската филмска уметност
СледнаEнepгeтcĸиoт бизниc e нoвиoт мoтop нa pacт