Американскиот претседател Доналд Трамп неочекувано денес ја напушти Турција со постар авион на „Ер Форс Уан“, а потоа се качи на нов претседателски авион во Велика Британија, дониран од Катар, со кој го продолжи летот кон Вашингтон. 
„Одлетав од носталгија“
Трамп напиша на социјалната мрежа Truth Social дека ќе лета од Анкара до британската воена база RAF Mildenhall во постар Air Force One обоен во сина боја „од носталгија“, додека новиот авион во исто време ќе им биде прикажан на американските војници стационирани во таа база.
Трамп подоцна се качи на новиот „Ер Форс Уан“ во Милденхол пред да замине за САД. Новиот претседателски авион, обоен во црвена, бела, темно сина и златна боја што ја избрал Трамп, е пренаменет „Боинг 747“ што Катар им го подари на САД минатата година. Тој беше надграден од американската одбранбена компанија „Л3Харис Технолоџис“.
На прашањето во Анкара дали промената на авионот е поттикната од можна закана за атентат, Трамп не одговори директно, но призна дека таква закана постои. „Јас сум број еден на списокот на ирански жртви“, им рече тој на новинарите на крајот од самитот на НАТО. „Не знам. Не можам да ви кажам тоа, но искрено, не ми е гајле“.
Новите авиони доцнат
Прифаќањето на катарскиот авион предизвика широки критики. Експертите предупредуваат дека требало да се инсталираат дополнителни безбедносни системи, заштита на комуникациите од прислушување и ракетна одбрана. Демократските пратеници проценија дека пренамената на авионот чинела повеќе од милијарда долари и изразија загриженост за неговата безбедност.
За време на претседателските патувања, втор авион е секогаш во состојба на готовност за да ја преземе улогата на „Ер Форс Уан“. Американските воздухопловни сили ја забрзаа подготовката на катарскиот авион, прескокнувајќи некои од планираните модификации предвидени за новата генерација претседателски авиони, за да може привремената замена да биде готова што е можно поскоро. Американските претставници велат дека авионот сè уште ги исполнува сите безбедносни стандарди за транспорт на претседателот.
Во меѓувреме, „Боинг“ работи на испорака на два нови претседателски авиони „747-8“ според договор од 3,9 милијарди долари потпишан во 2018 година. Проектот е одложен четири години, а испораката сега се очекува да се случи кон средината на 2028 година, што значи дека новиот американски „Ер Форс Уан“ можеби нема да биде готов пред да заврши мандатот на Трамп во јануари 2029 година. Цената на програмата оттогаш надмина 5 милијарди долари, а „Боинг“ регистрираше загуби од милијарди долари.




