
Ако погледнете каде е сега секоја од земјите по големото проширување во 2004 година, економскиот раст, животниот стандард и квалитетот на живот што им беа донесени на тие земји, јасно покажуваат дека проширувањето е вин-вин ситуација, не само за земјите што сакаат да станат членки, туку и оние што веќе се дел од Унијата, посочи претседателката на Европскиот Парламент Роберта Мецола за време на нејзиното учество на конференцијата на „Економист“, порачувајќи дека стагнацијата не помага, а континуираниот статус кво, носи само разочарување, јави дописничката на МИА од Атина.
Мецола заедно со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дискутираа на официјалната гала-вечера на тема „Напредокот во време на превирања“, а и двајцата се осврнаа и на проширувањето на Европската Унија, особено со земјите од Западен Балкан, истакнувајќи ја важноста овој процес да оди напред и да нема стагнација.
Претседателката на Европскиот Парламент посочи дека сега, повеќе од десет земји сакаат да станат членки на Унијата и изрази задоволство што веќе се разговара за тоа кои чекори треба да се преземат пред проширувањето.
– Секоја земја има свој пат и напредува врз основа на сопствените заслуги. Но, не смееме тие земји бесконечно да ги оставаме да чекаат. Присуствувавме на безброј самити ЕУ – Западен Балкан, каде што Кирјакос секогаш беше меѓу првите кои велеа дека не смееме да ја завршиме средбата без нула напредок, рече Мецола.
Се осврна и на последниот самит ЕУ – Западен Балкан во Тиват, велејќи дека Црна Гора „во моментов е водечка земја во пристапниот процес“
– Би рекла дека беше првиот самит од кој си заминав со доза оптимизам. Помислив: „Ова се земји што високо го веат нашето знаме.“ Тоа се земји што од избори до избори водат кампањи врз основа на надежта дека ќе станат членки на ЕУ, дека ќе бидат дел од Европа, бидејќи тоа за нив е синоним. Како ние, кои веќе сме внатре и имаме толку успешна приказна да раскажеме, ќе им кажеме: „Почекајте уште шест месеци“?
Мислам дека конечно сме на патот на кој почнува да преовладува вин-вин дискусијата. Дали и понатаму ќе има ширење стравови? Апсолутно. Дали и понатаму ќе постои идејата дека Европа треба да остане онаква каква што е сега? Но, ако нешто научивме, тоа е дека стагнацијата никогаш не помага. Ако постојано се држите до статус кво, тогаш единственото што ќе го постигнете е да ги разочарате оние кои на овој континент гледаат како на континент на иднината, порача претседателката на ЕП.
Фото: Кабинет на грчкиот премиер



