Иако авионот на „Рајанер“ со сериозно оштетен десен мотор и скршен прозорец слета безбедно во Солун, истрагата за инцидентот ја води Северна Македонија, бидејќи настанот се случил во македонскиот воздушен простор, пишува Aero.rs.

Американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (НТСБ) соопшти дека назначил акредитиран претставник кој ќе ѝ помогне наСеверна Македонија во истрагата за сериозниот инцидент со летот на „Рајанер“.
Одлуката на НТСБ предизвика внимание, бидејќи авионот полетал од грчкиот аеродром „Македонија“ во Солун, таму се вратил по дефектот, а леталото и понатаму се наоѓа во Грција за детални технички проверки.
Сепак, според правилата на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО) и Анекс 13, истрагата ја води државата над чија територија или воздушен простор се случила несреќата или сериозниот инцидент.
Според досегашните информации, проблемот на летот ФР1879 се случил над територијата на Македонија, поради што македонските власти се надлежни за водење на истрагата и донесување на конечните заклучоци, се наведува во текстот на Aero.rs.
Во истрагата, сепак, ќе учествуваат експерти од повеќе земји и компании. Грција ќе биде вклучена бидејќи авионот се наоѓа во Солун, каде ќе се проверуваат моторот, оштетениот прозорец, трупот и податоците од летот.
Малта ќе учествува како држава на регистрација на авионот и држава на операторот, бидејќи летот го извршувала „Малта Ер“, компанија од групацијата „Рајанер“.
САД се вклучени бидејќи станува збор за авион „Боинг 737“, произведен во Америка, а НТСБ ќе обезбеди техничка поддршка. Во анализата ќе учествуваат и производителот „Боинг“ и компанијата „ЦФМ Интернешнл“, која го произведува моторот ЦФМ56.
Истрагата треба да утврди што точно се случило за време на летот – дали прво дошло до дефект на моторот, кој дел се одвоил, како дошло до оштетување на трупот и поради што се скршил прозорецот во патничката кабина.
Фотографиите по слетувањето покажуваат сериозно оштетување на десниот мотор, додека снимките од кабината покажуваат скршен прозорец и активирани маски за кислород. Сепак, истражителите предупредуваат дека овие снимки не се доволни за конечен заклучок.
Ќе бидат анализирани податоците од црните кутии, разговорите во пилотската кабина, документацијата за одржување на авионот и моторот, како и сите пронајдени делови. НТСБ нагласи дека, според меѓународните правила, сите официјални информации за текот на истрагата ќе ги објавува Македонија како држава која ја води постапката.
Конечниот извештај нема да го подготвуваат сите учесници заеднички, туку ќе го усвои и објави македонскиот истражен орган, пишува Aero.rs.

Фотографија од 61-годишниот српски државјанин кој за малку ќе го загубел животот за време на летот на авиокомпанијата „Рајанер“ е објавена во грчките медиуми. Мажот, чие име сè уште не е соопштено, се наоѓа во болница во Солун, каде се опоравува од повредите и шокот по драматичниот инцидент.
„Сè се случи во дел од секундата“
„Летавме 30 до 40 минути кога одеднаш се скрши прозорецот. Мојот сопруг седеше до прозорецот. Сè се случи во дел од секундата. Прозорецот се скрши за време на летот и поради разликата во притисокот, половина од неговото тело заврши надвор. Сè леташе низ кабината. Маските за кислород паднаа и никој не знаеше што да прави. Сите плачеа“, изјави неговата сопруга за грчката телевизија.
Според неа, таа и нивната патничка прво го држеле нејзиниот сопруг, а потоа им помогнал еден маж што седел во следниот ред. „Ние двајца го држевме, а потоа еден господин од редот до нас дојде и заедно го повлековме за рака, додека половина од неговото тело беше надвор од авионот“, рекла таа.
Неговиот сигурносен појас, исто така, му помогна да се спаси.
Грчките медиуми објавија дека фактот што мажот носел појас, исто така, му помогнал да се спаси. По инцидентот, авионот го сменил курсот и безбедно слетал во Солун, на аеродромот „Македониа“, а патниците биле евакуирани.
Повредениот 61-годишен маж и луѓето кои му помогнале биле однесени во болница. Генералниот конзулат на Србија во Солун претходно потврди дека лекарите ја утврдуваат сериозноста на неговите повреди и неговата здравствена состојба, но дека неговиот живот не е во опасност.
Според грчките медиуми, за време на спуштањето на авионот, дел од оштетениот мотор наводно се скршил и удрил во прозорецот на кабината. Истрагата за инцидентот е во тек.




