дома Македонија Политика За опозицијата, реконструкцијата на Владата е политичка, а не кадровска

За опозицијата, реконструкцијата на Владата е политичка, а не кадровска

   Политичка, а не кадровска реконструкција и увертира за предвремени избори – вака опозицијата ја оценува реконструкцијата на Владата за која се дебатира на денешната собраниска седница.  

Пратеникот Борислав Крмов од Левицата, говорејќи по првата точка на пленарната седница посветена на разрешувањето на министрите, праша зошто се менува министерот за земјоделство ако работел добро.

– Пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за тоа какви резултати постигнал, како вовел ред во хаосот, колку било сега подобро во земјоделството од порано и слично. Прашањето е, ако е така, зошто сега го менуваме? ​Зборуваме за министер што го донесе македонското земјоделство во колапс, кој сега им должи 70-ина милиони евра неисплатени субвенции, 40 милиони евра субвенции скратени за 2026, а во моментот има криза за млекото, оризот, пченицата и јачменот… – рече Крмов.

Според него, Министерството за земјоделство се третира како еден вид жежок костен, кој се подава меѓу коалициските партнери, иако тоа треба да биде еден од галвните сектори во државата бидејќи го третира производството на храна.

Од реконструкцијата, рече Крмов, најмногу ќе изгуби политичката партија ЗНАМ, која го губи секторот правда, а коалицијата „Вреди“ ќе излезе појака затоа што добива ресор плус. Со давањето на секторот правда на „Вреди“, според Крмов, се отвара можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик, а со тоа на долг рок правосудството ќе стане двојазично.

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ говореше за работата на досегашниот министер за култура Зоран Љутков за кого рече дека ќе остане запаметен како министер со најголем број тужби за неисплатени плати и непочитување на колективните договори. За неговиот двегодишен мандат рече дека нема ниеден капитален проект.

Пратеничката на Левицата, Јована Мојсоска, забележа дека во две години владеење Владата назначува трет министер за здравство и оти проблемите во секторот растеле. Таа посочи дека лицата со хемофилија повеќе од една година го чекале лекот „фактор 8“ и оти неговата дистрибуција била во ограничени количини, а во последните 20 дена воопшто не го добивале.

– И прво нешто што сметам дека треба да го направи новиот министер за здравство е да го разреши директорот на Институтот за трансфузиона медицина, Амир Алези, кој впрочем и незаконски е поставен за директор, само затоа што е личен пријател на вашиот вицепремиер Беким Сали и поради кој лицата со хемофилија повеќе од една година живеат во голгота – рече Мојсоска.

Таа се осврна и на изградбата на болницата во Кичево, како и за состојбата на Детската клиника и, според неа, за недостигот на амбулантни возила.

Пратеникот Халил Снопче од Алијансата за Албанците забележа дека премиерот дава предлог за разрешување министри со пофалби за нив.

– Премиере, тоа е оксиморон, нема логика. Ако министрите биле добри, не треба да се разрешат. Или ние не слушнавме причини зошто се разрешуваат. Слушнавме едно филозофско образложение, што беше во ред – рече Снопче.

Илир Хасани од Европскиот фронт посочи дека покрај промените на имињата на министрите, граѓаните чекаат да се промени начинот како се владее, особено во секторот здравство.

– Денес, не сакам да зборувам само како пратеник, туку сакам да зборувам и како хирург, кој секоја недела ги гледа со сопствени очи последиците што ги именувате како реформи. Секој ден одблиску го гледам системот. Јас здравствениот систем не го знам од извештаите што доаѓаат во Собранието, туку од пациентите што чекаат, чекаат и можеби и подолго ќе почекаат – рече Хасани.

Според него, проблемот не е само министерот, туку проблемот бил оти тие министри немале соодветна поддрша од партијата и власта.

ПредходнаМицкоски за реконструкцијата на Владата: Сакаме да изградиме уште повеќе
СледнаЗаврши годишното оданочување на граѓаните, пријавени 612 милијарди денари