дома Македонија Политика Собранието ја изгласа реконструкцијата на Владата

Собранието ја изгласа реконструкцијата на Владата

 Македонското СОБРАНИЕ ги избра новите министри во рамки на реконструкцијата на Владата, предложена од премиерот Христијан Мицкоски, која беше на дневен ред на 112. собраниска седница.

 

Собранието ја изгласа реконструкцијата на Владата – избрани осум нови министриЗа нов министер за правда е избран Јетон Шасивари член на ВРЕДИ, за нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски од Движењето ЗНАМ, за нов министер за односи меѓу заедниците Агон Ферати од ВРЕДИ, за нов министер за здравство Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, за нов министер за туризам и култура Седат Сулејмани од ВРЕДИ, за нов министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ, за нов министер за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ од ДПСМ, а за нов министер без ресор Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.

Сите министри беа избрани со 69 гласа „за“, без ниту еден воздржан и против.

Непосредно пред гласањето премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е среќен со изборот на новите министри, кои денеска очекува парламентарното мнозинство да ги избере, како и со оние со кои досега соработувале, но и со оние кои не се предмет на оваа реконструкција.

Претходно на седницата беа разрешени досегашните министри: за правда – Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство – Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците – Игор Стоиљковиќ, за здравство – Азир Алиу, за туризам и култура – Зоран Љутков, за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, за локална самоуправа – Златко Перински, како и Шабан Салиу од функцијата министер без ресор.  Разрешени беа и заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за култура и туризам, Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани, кои сега се на министерските позиции во истите министерства.

Премиерот Мицкоски во своето експозе истакна дека за нови министри предлага луѓе што доаѓаат со разни професионални искуства, но со иста обврска – да работат чесно, одговорно и со чувство дека секој ден што ќе го поминат на функцијата им е даден oд народот и му припаѓа на народот.

Мицкоски порача дека реконструкцијата на Владата носи нова енергија, ново темпо и уште поголема одговорност.

– Сега следува период во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување – рече премиерот Мицкоски.

Секој функционер, потенцира тој, мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на работата.

– Тоа останува принцип од кој нема отстапување. Граѓаните очекуваат темпо, дисциплина и резултати, а токму тоа ќе биде обврска на секој член на Владата – рече тогаш премиерот Мицкоски.

ПредходнаЕмирати: Иран погоди два наши танкерa
СледнаАмерика: Нападот врз Иран е завршен, траел пет часа