Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека денеска е „Супер вторник“ за проширувањето на Европската Унија, поради одржувањето пристапни конференции со четири земји кандидати во ист ден.
Кос на платформата „Икс“ објави дека за првпат по повеќе од 20 години се одржуваат толку пристапни конференции во еден ден. На денешните конференции учествуваат Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија.
„Нашите предводнички Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора прават големи чекори напред“, наведе Кос, додавајќи дека Црна Гора е на чело на колоната како најнапредна земја во пристапните преговори.
Еврокомесарката посочи дека Украина и Молдавија го отвораат Кластерот 6, што ги опфаќа областите како одбраната и безбедноста каде, според неа, аргументите за нивното членство во ЕУ се особено силни.
„Албанија ќе ги затвори своите први поглавја, а Црна Гора е цврсто во завршната фаза на формалните преговори, со затворени 18 од вкупно 33 поглавја“, додаде таа.
Кос нагласи дека денешниот моментум мора да се претвори во „конкретни резултати на терен“.
Украина гази кон Брисел. Отвори нов кластер на патот кон членство во ЕУ
„Денеска е ден и за славење и за поглед кон иднината. Ја имаме поддршката од земјите членки, но само доколку земјите кандидати ги исполнат условите“, заклучи европската комесарка Кос.




