Новоизбраниот министер за здравство Сашо Клековски, кој досега ја извршуваше функцијата директор на Фондот за здравствено осигурување денеска на прес-конференција пред неговото заминување на новата функција ќе даде отчет за сработеното во неговиот двегодишен мандат во ФЗОМ.

– На прес-конференцијата директорот ќе направи осврт на двегодишното работење на Фондот, презентирајќи ги најзначајните реформи, реализираните проекти, унапредувањата во здравствениот систем и резултатите постигнати во интерес на осигурените лица.
Ќе бидат презентирани и клучните политики што придонесоа за поголема достапност на здравствените услуги и лековите, подобрување на правата на осигурениците, зајакнување на транспарентноста и поефикасно управување со средствата на Фондот, стои во поканата упатена до медиумите.
Клековски вчера беше избран за нов министер за здравство, а на негово место во Фондот за здравствено осигурување доаѓа досегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински.




