Безбедноста на гостите во клубот воопшто не била предмет на интерес, во „Пулс“. Локалната и централна власт, институциите и поединци потфрлиле, не се почитувале стандардите, регулативата, ниту процедурите. Ова се дел од заклучоците од градежното вештачење, а го посочи вештакот и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски,на последното рочиште за дискотеката „Пулс“
Професорот посочи дека објектот е составен од два дела-еден со одобрение за градба од 1999, а вториот е дивоградба легализирана во 2011 за лесна индустрија, а потоа пренамената. Марковски ја појасни и хронологијата на извршените градежни активности.
Г „При пожарот во „Пулс“ многу брзо е дојдено до уривање на дел од покривната конструкција, што покажува дека воопшто не е водено сметка за статика. Да се коригирам, можеби за индустријата кога била конструирана – да, но за дискотека – не. Нема закон што може да донесе и предвиди нешто поинакво од ДУП-от. Но, она што е најважно тука, бидејќи фокусот е на безбедноста, степенот на безбедност зависи од намената на објектот пропишана во ДУП. Не смее и не може на објекти за друга намена да користиме исти материјали затоа што ризиците од пожари се разликуваат за разни намени на користење и тоа не е само за опасноста од пожари.“
Родителите на загинатите деца се осврнаа на податокот кој произлегува од вештачењето, на тоа дека во периодот 2012 до 2024, ниедна фаза не е проследена со проект, надзор или инспекциски записник.
„Вештаците јасно заклучуваат дека не станува збор за обична адаптација туку за реконструкција, во смисла на законот на градење. Тогаш прашањето е едноставно, кој требало да го види тоа? Кој требало да го контролира, кој да реагира? Бидејќи објектот бил надлежност на локална самоуправа и вештиот наод ги посочува ДЗС, Државен инспекторат за труд, градежните инспектори како инспекции со законски надлежности.“
Судскиот процес за овој случај продолжува во август.




