Собранието денеска ќе ја одржи 111. седница, на чиј дневен ред се 22 точки, меѓу кои и неколку законски предлози, извештаи и одлуки.

Меѓу клучните точки е Предлог-законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој ќе се разгледува во трето читање, како и измените на Законот за Царинската тарифа.
На седницата се предвидени и опозициски пратенички прашања. Пратениците ќе расправаат и за предлози од областа на високото образование, научноистражувачката дејност, државните награди, студентскиот стандард, како и за Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030.
На дневен ред се и Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година, како и повеќе предлог-одлуки, меѓу кои и одлуката за испраќање припадници на Армијата во меѓународната операција на ОН „УНИФИЛ“ во Либан.
Пратениците ќе ги разгледаат и годишните извештаи за работата на повеќе институции, меѓу кои Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Државниот завод за ревизија, како и предлози за избор и именувања во повеќе тела.




