„Архитектура на невидливото“ е насловот на изложбата со која кумановскиот мултимедијален уметник, Страхил Петровски, утревечер со почеток во 18:30 часот ќе се претстави во македонскиот Културно-информативен центар во Софија, Р. Бугарија.
Станува збор за просторна инсталација што создава дијалог меѓу старите и новите авторски дела, истражувајќи ги односите меѓу светлината и темнината, присуството и исчезнувањето, меморијата и времето. Наместо да понуди конечни одговори, проектот го повикува гледачот на лична интроспекција и размислување за кревкоста на постоењето и природата на визуелната форма. Авторот преку различни визуелни стратегии и материјални интервенции ја преиспитува уметничката форма, создавајќи тензија помеѓу трајноста и распадот, како и меѓу заборавеното и она што допрва се појавува. Во концепцијата на изложбата, гледачот не е само набљудувач, туку активен учесник во сложена мрежа на траги, одрази и значења.
Изложбата ја претставува интензивната визуелна и филозофска рефлексија за минливоста, траги на времето и присуството на човекот во материјата. Во овој контекст, спојот на стари и нови дела не е само хронолошки пресек на авторската пракса, туку длабок и интимен дијалог меѓу различни онтолошки состојби.

Синтезата од стари и нови дела создава дијалектичка тензија: присуство и исчезнување, трајност и распад, меморија и момент. Гледачот станува учесник во постојаното преиспитување на времето, материјата и субјектот, каде што секое дело не е само самостојна форма, туку дел од комплексна мрежа на траги и одрази.

Проф. Д-р Зоран Пејковски пишува дека изложбата „Архитектура на невидливото“ не треба да се доживува како репрезентативен избор на дела од еден зрел авторски циклус, туку таа претставува внимателно осмислен визуелен проект што ја отвора можноста повторно да се размислува за природата на сликата, за улогата на материјата, за значењето на тишината и за вредноста на внимателното гледање.
– Во тоа се состои и нејзиниот најголем придонес: не нуди конечни одговори, туку создава интелектуален и естетски простор во кој прашањата остануваат живи. А токму таму, каде што уметноста продолжува да поставува прашања наместо да ги затвора, започнува нејзината вистинска трајност, пишува Пејковски.
Роден во 1974 година во Куманово, Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Факултет за ликовни уметности, каде завршува и постдипломски студии. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Реализирал бројни самостојни изложби во Њујорк, Париз, Братислава, во градовите од Балканот и Македонија. Добитник на бројни награди и признанија, учествувал на повеќе од 100 групни изложби, ликовни колонии, симпозиуми и семинари во Македонија и во странство.




