„Од денес па натаму и луѓето од македонската бизнис-заедница, но и од македонската дијаспора, ќе знаат дека вие сте сериозна и респектабилна сила! И верувам дека некои од нив, со чувство на одговорност кон татковината, ќе помогнат за ваше опремување или доопремување со различни видови противпожарна опрема“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, на постројувањето на припадниците на македонските доброволни противпожарни друштва во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје

Повеќе од 250 доброволни пожарникари од доброволните противпожарни друштва во Македонија учествуваа на постројувањето во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје во организација на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Како што информираа оттаму, со ова беше утврдена реалната бројка на доброволни пожарникари што се подготвени организирано да учествуваат во гаснење пожари на отворено во претстојната сезона како дел од тимовите за брз одговор на ДЗС.

Директорот Стојанче Ангелов во својот говор рече дека со настанот се покажува оти доброволните пожарникари можат да бидат обединети под заедничка команда и вклучени во националниот систем за заштита и гаснење пожари.
„Да покажеме дека ве има! Да покажеме колку ве има! Да покажеме дека за првпат, сите вие, припадници на доброволните противпожарни друштва од Македонија, сте обединети или имате можност да се обединете под една заедничка команда и организирано да се вклучите во националниот систем за гаснење на летните пожари на отворен простор преку тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување. (…) Укажувам дека во противпожарните тимови за брз одговор на ДЗС нема да бидат примени лица кои не се членови на доброволни противпожарни друштва (ДПД). Мојата цел е едноставна и јасна – развој на доброволното пожарникарство преку развој на ДПД. Токму затоа покренавме заедничка иницијатива за изменување на Законот за задруженија на граѓани со цел подобрување на статусот на ДПД. Воедно ќе се обидеме да го подобриме и статусот на ДПД и во Законот за пожарникарство“,рече Ангелов.

Според Ангелов, овие друштва се респектабилна сила за чие доопремување е потребна поддршка.
„Од денес па натаму јавноста уште појасно ќе знае дека вие сте сериозна и респектабилна сила! И длабоко сум убеден дека сите заедно ќе добиеме уште поголема јавна благодарност и подршка! Од денес па натаму и луѓето од македонската бизнис-заедница, но и од македонската дијаспора, ќе знаат дека вие сте сериозна и респектабилна сила! И верувам дека некои од нив, со чувство на одговорност кон татковината, ќе помогнат за ваше опремување или доопремување со различни видови противпожарна опрема!“,порача тој.

Ангелов зборуваше за плановите и очекувањата за претстојната противпожарна сезона и новата внатрешна структура и хиерархија за поефикасна координација, командување и вклучување на доброволните пожарникари во системот за гаснење пожари.
„Во градењето на оваа координативна структура, одредени ривалства, суети и недоразбирања ќе треба да се тргнат настрана. (…) Вашата предност во однос на припадниците на полицијата и Армијата е во тоа што повеќето од вас имаат противпожарна униформа, обука и искуство и најважно од сè, вие сте доброволци, доброволно сте се пријавиле да гасите пожари, не сте испратени со наредба и сте високо мотивирани за гасење пожари на отворен простор. Но јас очекувам, колку што сте мотивирани, толку да бидете и дисциплинирани. Како припадници на тимовите на ДЗС, вие сте дел од државниот систем за управување со кризи и секој од вас ќе има посебна но значајна улога“,рече Ангелов.
Се одржа и работен состанок на отворено на кој доброволните пожарникари разменија искуства, мислења и предлози за подобро функционирање на системот за заштита и спасување во текот на летната сезона.




