Отфрлено е обвинението против новинарот Драган Павловиќ – Латас и уште три правни лица во случајот „Тотал“ што го покрена поранешното Специјално јавно обвинителство. Кривичниот суд информира дека е донесена пресуда со која во целост се одбива обвинението.
Одлуката доаѓа откако на последното судско рочиште, надлежниот јавен обвинител во завршните зборови целосно се откажал од понатамошно гонење на обвинетите.

– Обвинителот, имајќи ги предвид наводите во вештиот наод и мислење најпрвин направил измени во обвинителниот акт, по што утврдил дека за две од обвинети правни лица во постапката, не се исполнети елементите кои го чинат законскиот опис на пријавеното кривично дело – даночно затајување, додека за едно правно лице и обвинетиот Д.П. – Л. во меѓувреме настанала апсолутна застареност на кривичното гонење. Заради сето тоа, судот постапил согласно Законските одредби и ја донел наведената пресуда, појаснува Кривичниот суд.
Одлуката била донесена на 27 мај годинава, а станала правосилна на 25 јуни.




