дома Живот А која е тајната и на долговечноста и на здравиот живот?

А која е тајната и на долговечноста и на здравиот живот?

Љубопитноста, емоционалната отпорност и активниот социјален живот се чини дека се клучните состојки на долговечноста и виталноста на постарите лица од сината зона на Сардинија.

Луѓето денес живеат подолго од кога било досега, а очекуваниот животен век на глобално ниво достигна просек од 73,5 години.

 

 

 Но, подолгиот живот не мора да значи поздрав живот. Затоа, научниците се стремат да ја откријат тајната не само на долговечноста, туку и на здравиот живот со добар квалитет.

За таа цел, истражувачите од Универзитетот во Каљари ги проучувале постарите жители на сината зона на Сардинија, подрачје на медитеранскиот остров каде што луѓето живеат подолго отколку во другите делови на Италија, но и подолго отколку во остатокот од Европа.

Сините зони се географски изолирани подрачја – како што се централна и источна Сардинија (Италија), Окинава (Јапонија), Икарија (Грција) и Никоја (Костарика) – кои се карактеризираат со исклучителна долговечност и високо ниво на благосостојба на своите жители.

За да може едно подрачје да биде прогласено за „сина зона“, мора да има јасно дефинирани граници, исклучително висок процент на луѓе кои доживеале најмалку 90 години во текот на последните 150 години и веродостојни евиденции со коишто можат да се потврдат датумите на раѓање и смрт, пренесува „Еуроњуз“.

Претходните истражувања покажале дека луѓето во овие области живеат подолго благодарение на комбинацијата од генетски, еколошки, пренранбени, социо-културни и психолошки фактори.

Која е тајната на „супер-старите“ од Сардинија?

Ново истражување, објавено во списанието „Меѓународниот журнал за применета позитивна психологија“, ги споредил постарите луѓе што живеат во сината зона на Сардинија со нивните врсници од блиската рурална област. Учесниците одговарале на прашања за начинот на животот, демографските карактеристики, проценетиот квалитет на животот, па решиле тест за когнитивните способности.

Во сината зона на Сардинија, постарите луѓе редовно учествуваат во социјални и ментално поттикнувачки активности, задржуваат важна општествена улога и чувство за цел, што авторите на истражувањето ги опишуваат како „клучни елементи за успешното стареење“.

Истражувачите утврдиле дека жителите на сината зона покажуваат повисоко ниво на љубопитност и отвореност кон нови идеи, како и поизразена способност за разбирање и споделување на сопствените емоции.

На крајот, податоците упатуваат на тоа дека прилагодливите особини на личноста и активниот начин на живот се клучни за зачувување на менталното и физичкото здравје во подоцнежниот живот, навеле авторите.

Жителите на сината зона водат едноставен, но многу активен живот. Тие поминуваат значително повеќе време во слободни активности кои поттикнуваат ментална и физичка активност – во просек 11,3 часа неделно, во споредба со 6,8 часа за жителите на областите надвор од сината зона.

Истражувачите, исто така, забележале дека, наместо да се обидуваат да прават сè, постарите жители се фокусираат на активности што сè уште можат успешно да ги прават и кои им даваат задоволство, како што се градинарство, прошетки или дружење во центрите на заедницата.

Постарите жители на сината зона често одржуваат силни социјални врски во рамките на своите заедници и искажуваат поголемо задоволство од односите со членовите на семејството и пријателите. Тие, исто така, имаат поделотворни стратегии за справување со секојдневните проблеми и поразвиени емоционални вештини.

Оптимизмот – најкраткиот пат до долговечноста

Социјалната инклузија и успешното управување со стресот се клучни фактори за здраво стареење во овие уникатни заедници, заклучиле авторите.

Каде е сината зона на Сардинија?

Според најновите истражувања, сината зона на Сардинија опфаќа шест села во централно-источниот дел на островот, во регионот Ољастра.

Во таа област, уделот на стогодишници меѓу луѓето родени помеѓу 1880 и 1900 година бил приближно пет пати поголем отколку во остатокот од Европа и три пати поголем отколку во остатокот од Сардинија. Овој удел дополнително се зголемил откако пред речиси 20 години бил воведен терминот „сина зона“.

Додека на глобално ниво стота година од животот доживуваат повеќе жени отколку мажи, во овој дел од Сардинија нивниот удел е речиси еднаков.

За да ја потврдат вистинската возраст на жителите, истражувачите ја провериле возраста на сите лица постари од 90 години во сината зона на Сардинија споредувајќи ги податоците од матичните и црковните архиви, како и реконструирајќи ги на семејни генеалогии за да се исклучат можни грешки или замени на идентитет.

 

ПредходнаСовршени суви кајсии: Исушете ги дома и уживајте во слатка ужина преку целата година
СледнаБалетот „Митот за Амазонките“ со уметниците на грчкиот „АРТ денс театар“ вечерва на „Охридско лето“