дома Локално Македонски системски пропусти за загрозување на здравјето и влијание врз целите на...

Македонски системски пропусти за загрозување на здравјето и влијание врз целите на ЕУ

Хронично загадување, недоволен надзор и системски пропусти го претвораат Вардар во ризик за здравјето, земјоделството и регионот. Со ова и други водни тела, Македонија во еден дел придонесува кон неисполнувањето на целите на ЕУ за своите водни тела.

Примероците површинска вода од Река Вардар, низводно од Гевгелија, во однос на на микробиолошката анализаповршинската вода од реката спаѓа во IV-V класа, заради зголемениот најверојатен број на термотолеранти колиформни бактериии и наод на одредени индикатори на фекално загадување на водата од Река Вардар“, оваа формулација за квалитетот на реката Вардар при излезот од Македонија кон Грција е речисти идентична од 2020 година наваму во извештаите за состојбата, квалитетот и безбедноста на површинските води на македонскиот Институт за јавно здравје, коишто можевме да ги споредиме.

Во однос на физичко-хемиската анализа, најголемиот број примероци земени од Вардар во Гевгелија се класифицираат во III и IV класа, а тоа е поради зголемена содржина на железо, нитрити, како азот, на пример, но и манган и жива. Само во месец август 2024 година е регистрирано надминување на граничната вредност за жива“, стои во извештајот за таа година за тестираната вода во Вардар кај Гевгелија.

Реката Вардар во гевгелиско, пред излезот од Македонија.
Реката Вардар во гевгелиско, пред излезот од Македонија. © Димитар Мицев

„Согласно постоечката законска регулатива, површинската вода која е многу загадена и хипертрофична вода, во природна состојба не може да се употребува за ниедна намена“, стои во последниот извештај објавен пред неколку месеци, а кој се однесува на состојбата во 2025 година. Оваа формулација е слична или иста со тие во претходните години. Сепак, водата се користи за наводнување.

Селективни контроли

Државниот инспекторат за земјоделство има надлежност за производството на нива и врши контроли на овошје и зеленчук на откупни пунктови, складишта, дистрибутивни центри и пазари. Евиденција дали се направени контроли покрај реки нема.

„Во рамките на Инспекторатот не се води посебна евиденција по географска основа, односно дали контролите се вршат покрај одредени реки или конкретни локации“, стои во одговорот од Државниот инспекторат за земјоделство.

Ниви покрај матните води на Вардар во скопско.
Ниви покрај матните води на Вардар во скопско. © Димитар Мицев

Во Институтот за јавно здравје бевме информирани дека наодите за лошиот квалитет на речните води задолжително се доставуваат до Министерството за здравство, до Агенцијата за храна и ветеринарство, а иако немале обврска извештаите ги испраќале и до Инспекторатот за животна средина и до Центарот за управување со кризи.

Во Државниот инспекторат за земјоделство нѐ информираа дека немаат добиено формален документ за забрана водата од Вардар да се користи за наводнување.

„Во изминатиот период, не се евидентирани пријави или претставки кои укажуваат на неправилности при производство на овошје и зеленчук на површини кои се наводнуваат со вода од реката Вардар, а производите се пласираат на пазарот. До Државниот инспекторат за земјоделство не е доставен акт, одлука или друг формален документ со кој се утврдува забрана за користење на водата од реката Вардар за наводнување на земјоделски површини“, не информираа во оваа институција, во која велат дека контролите се спроведуваат селективно и дека во законодавството нема одредено прецизно следење на местото на производство:

Слика од Вардар во гевгелиско, покрај чиј брег се наоѓаат ниви.
Слика од Вардар во гевгелиско, покрај чиј брег се наоѓаат ниви. © Димитар Мицев

„Под потекло се подразбира државата на потекло, а не конкретната локација на производство. Во постојната законска рамка не е уреден делот со посебни кодови или идентификациски броеви, кои би овозможиле прецизно утврдување на местото на производство, ниту пак постои обврска за субјектите кои ставаат овошје и зеленчук во промет да обезбедат такво ниво на детална следливост. Истовремено, имајќи го предвид обемот на производството и бројноста на производители, не е возможно континуирано и сеопфатно следење на секоја поединечна парцела, поради што инспекцискиот надзор се спроведува селективно, врз основа на ризик-базиран пристап. Воедно, со поголема кадровска екипираност и дополнително уредување на законската рамка, можно е понатамошно унапредување и прецизирање на контролите и во делот на примарното производство“, нагласуваат во Државниот инспекторат за земјоделство.

Кога производите ќе ја напуштат нивата надлежност за нив има и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од аспект на непосредното примарно производство, контролите ги спроведува Државниот инспекторат за земјоделство. Сите останати активности по напуштање на производствената површина се контролираат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Агенцијата за храна и ветеринарство нема надлежност да спроведува инспекциски надзори на примарното производство на нива. Надлежноста на овој вид контроли е на Државниот инспекторат за земјоделство при Министерството за земјоделоство, шумарство и водостопанство“, ни беше нагласено во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Знак СТОП и отпад фрлени во коритото на реката Кумановка.
Знак СТОП и отпад фрлени во коритото на реката Кумановка. © Александар Методијев

Во бројките што ги добивме од оваа институција, нема разграничување на случаи поврзани со наводнување од загадени реки во откриените небезбедни примероци на зеленчук и овошје во минатите години.

Од системски слабости преку отпадна вода до храна на трпеза

Во март 2026 година екоактивисти од невладината организација Флорозон, која постои повеќе од 20 години, спровеле теренски мониторинг на повеќе локации на водотекот на Вардар и неговите притоки, при што документирале директни канализациски и индустриски испусти, диви депонии и градежен шут во речните корита, лагуни со отпадни води, цедење на отпадна вода од стари депонии и ризици од излевање на рударско хидројаловиште.

„Во повеќе локации постои директен ризик по јавното здравје, водоснабдувањето и ризик oд загадување на подземни води и бунари, особено таму кадешто има испуст на канализација, угинати животни, отпадни води од фарми или ризици од излевање на индустриски нетретирани води во водотеците. (…) Теренските извештаи јасно укажуваат дека загадувањето на водите во Вардарскиот речен слив не е резултат на изолирани локални инциденти, туку тие се последица на континуирана и повторлива појава што произлегува од системски слабости во управувањето со водите. Овие слабости се манифестираат преку директни испусти на отпадни води, создавање нелегални депонии во и покрај речните корита, присуство на ризични индустриски и фармерски точки, како и недоволна институционална превенција и контрола“, стои во „Документот за јавни политики – Пропритети за подобро управување со водите во Вардарскиот речен слив“ изработен од Центарот за еколошка демократија „Флорозон“, во кој се додава и дека:

вардар отпад канализација река
Пластичен отпад и канализација во Вардар. © Александар Методијев

„Главниот заклучок од теренскиот мониторинг е дека утврдените состојби не претставуваат изолирани инциденти. Критичните еколошки точки стануваат видливи дури откако загадувањето е веќе манифестирано, што укажува на отсуство на навремен надзор, редовен мониторинг и превентивно постапување. Наместо системски пристап, институционалната реакција најчесто се сведува на повремени интервенции, задоцнет инспекциски надзор и ограничени санациски мерки без долгорочен ефект“.

Крајбрежна вегетација фрлена во речно корито за дополнително загадување

Работејќи на темата за загадувањето на Вардар во минативе месеци можевме да воочиме дека крајбрежната вегетација се фрла во коритото на Вардар – нешто што се гледа и на видео споделено од градоначалникот на Скопје, Орце Георгиевски, а кое треба да го илустрира неговиот ангажман за промени. На видеото се гледа дека багерот ја фрла крајбрежната вегетација во речното корито. Камион нема на ниту еден од инсерите направени со дрон.

Слики од видео постирано од скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски објавено на 15.03.2026 со наслов „Темелно се чисти коритото на Вардар - бисерот на Скопје!“
Слики од видео постирано од скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски објавено на 15.03.2026 со наслов „Темелно се чисти коритото на Вардар – бисерот на Скопје!“ © https://www.facebook.com/reel/950448070752673

Дека таква пракса имало и претходно ни посведочи скопјанката Марица Шошкоска, која ни пристапи гледајќи нѐ дека снимаме на локација во општината Аеродром.

„Пред да бидат изборите во есента 2025 година тука работеа булдожери и го расчистуваа теренот од левата страна на Вардар. И, сето ѓубре го избуткаа во реката Вардар. Кој не верува нека дојде и нека види. Тоа е кај мостот ‘Близнак’. По мостот ‘Близнак’ и од левата и од десната страна има фрлено ѓубре, меѓутоа поголем дел е од левата страна. Тоа беше трева и секаков вид на ѓубре“, објаснува Шошкоска.

Марица Шошкоска, жителка на Скопје, која сведочи за фрлање отпад и вегетација од кејот во коритото на Вардар.
Марица Шошкоска, жителка на Скопје, која сведочи за фрлање отпад и вегетација од кејот во коритото на Вардар. © Александар Методијев

Гниењето на фрлената крајбрежна вегетација во речното корито троши големи количини кислород, што може да предизвика умирање на речните организми. Распаѓањето нсоздава вишок хранливи материи и поттикнува размножување на алги и бактерии, со што водата станува уште позаматена и смрдлива. Фрлените гранки и треви го попречуваат нормалниот проток на водата, а може и да се насоберат на столбови од мостови.

Двапати праќавме мејлови до градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со повеќе прашања, меѓу кои и зошто растенијата како отпад беа фрлани во коритото на реката, но не добивме ниту еден одговор. По пратените мејлови, градоначалникот на Скопје објави ново видео, на кое се гледаше дека вегетацијата се товари во камион.

Слики од второ видео постирано од скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, објавено на 18.05.2026 со наслов „Темелно се чисти коритото на Вардар, бисерот на Скопје!“
Слики од второ видео постирано од скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, објавено на 18.05.2026 со наслов „Темелно се чисти коритото на Вардар, бисерот на Скопје!“ © https://fb.watch/Iu25oWN9SR/

Во време на Југославија повеќе мерни места од сега

„Со мониторинг на квалитетот на површинските води се започнало во 1963 година со шест мерни места лоцирани на прекугранични водни тела. Подоцна мрежата била проширена и во периодот од 1975 до 1996 година мониторинг се вршел на 42 мерни места во подрачјето на сливот на реката Вардар“, стои во извештајот за оваа река изработен од Министерството за животна средина. Но, од почетокот на новиот век бројот на станици за мониторинг паѓа.

„Од 2000 година, мрежата за мониторинг на квалитетот на површинските води е сведена на 20 станици, од кои 17 мерни места се наоѓаат во сливното подрачје на реката Вардар. Седум мерни места се поставени на прекугранични водни тела, од кои пет се лоцирани во сливот на реката Вардар. Сепак, бројот на мерни места е недоволен за да се обезбеди сеопфатен национален преглед на квалитетот на површинските води“, заклучува министерството во извештајот за состојбата со реката Вардар.

Во него се посочува дека елементите на биолошки квалитет се собираат двапати годишно, но само за фитобентоси, односно микроскопските растителни организми, и за макроинвертебрати, односно малите животни без ’рбетен столб видливи со голо око, како што се ларвите од инсектите, полжавите, школките, раковите и црвите. „Поради недостиг на стручен кадар, макрофитите (водните растенија, новинарска забелешка) и рибната фауна не се анализираат“, стои во овој извештај.

Рибар во Вардар во скопската населба Аеродром
Рибар во Вардар во скопската населба Аеродром; © Александар Методијев

Потреба од поголема соработка со други држави

Недоволниот број на персонал се чувствува и во Управата за хидрометеоролошки работи и во Институтот за јавно здравје. Во оваа институција прашавме – каков е квалитетот на водата во Лепенец, којашто доаѓа во Македонија и се влева во Вардар?

„Нам од Косово ни доаѓа непречистена отпадна вода. Значи сличен состав со реката Вардар – истите агенси: железо, манган, амонијак, нитрати, нитрити, што укажуваат на фекално загадување, но и микробиолошки контаминации. Истите наоди ги имаме како кај квалитетот на река Вардар“, објаснува проф. д-р Мирјана Димовска, раководителка на одделение во Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје.

Гаврани влечат пластичен отпад во речното корито на Вардар во скопски Аеродром.
Гаврани влечат пластичен отпад во речното корито на Вардар во скопски Аеродром. © Александар Методијев

Прашавме во УХМР со кои држави од соседството се соработува на тема прекугранично загадување, кое доаѓа преку реките.

Состојбата со соработката за прекуграничните реки треба да се подобри – во смисла на размена на информации и податоци за квалитетот на водите“, вели д-р Шерибан Рамани, раководителка на сектор за квалитет на води при Управата за хидрометеоролошки работи и додава: Има една работна група која е за Црн Дрим и тука сме челнови. Овде се работи за сите проблеми со водите во сливот на река Црн Дрим. Тоа е на интернационално ниво. Работната група ги опфаќа Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија. Значи, кои држави ги опфаќа реката. Исто така, во склоп на Програмата за води иницирана е средба со Косово за управување на реките Вардар и Лепенец. Така што, мислиме дека ова е некој добар почеток за соработка и со Косово“.

Територијата на Македонија е поделена на четири речни слива. Речен слив е целата копнена површина од која сите површински и подземни води се слеваат кон една главна река и нејзините притоки. Тој на реката Вардар и на реката Струмица се влева во Егејското Море, на Црн Дрим, кој ги опфаќа и сливовите на Преспанското и Охридското Езеро, се влева во Јадранското Море, а еден мал дел во североисточниот дел на Македонија му припаѓа на сливот на реката Дунав, која извира во Германија, а се влева во Црно Море. Сите речни сливови се делат со соседните држави.

Квалитетот на водата во реката Рајна е значително подобрен, по повеќе хемиски загадувања во минатото, откако на тоа заеднички работат девет држави.
Квалитетот на водата во реката Рајна е значително подобрен, по повеќе хемиски загадувања во минатото, откако на тоа заеднички работат девет држави. © Александар Методијев

ЕУ си зададе цел до 2027 година да постигне добар статус на над 111.000 површински водни тела – реки, езера и крајбрежни води и на 13.000 подземни води на нејзината територија. Добриот статус означува добар еколошки и хемиски статус за површинските води и добар количински и хемиски статус за подземните води. Но, таа цел нема да се оствари. До лани само 39,5 проценти од површинските води во ЕУ имаа постигнато добар еколошки статус, додека само 26,8 имаа постигнато добар хемиски статус – податоци што ги покажува извештајот на Европската комисија за имплементација на зацртаната цел. Во него стои дека „просечната здравствена состојба на површинските водни тела во ЕУ е критична“ и дека „за жал, 13% од водните тела во ЕУ и понатаму се под влијание на сè уште неидентификувани антропогени притисоци“. Иако не е членка на Унијата, во еден дел придонес кон таквата состојба има и Македонија со водите што ги изпраќа надвор од своите граници.

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработник: Сања Петров

Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Матни води“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.

journalismfund

 

ПредходнаЦУК: Повеќето пожари во Скопскиот регион се ставени под контрола, интервенции сè уште траат на три локации
СледнаПретседателката на Индија на средба со Сиљановска-Давкова