На 21.07.2026 во 12:25 часот, на улицата „Партизански одреди“ во Гевгелија, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“ го лишиле од слобода С.С. (35) од Струмица, поради сомнение за сторени кривични дела „криумчарење на мигранти“ и „фалсификување исправа“.

При контролата, лицето било затекнато како управува патничко возило „Ауди А5“ со кавадаречки регистарски ознаки кои, како што е утврдено, припаѓале на друго возило. Во автомобилот биле пронајдени пет лица мигранти од Авганистан, како и албански регистарски таблички, сообраќајна дозвола, зелен картон и договор за изнајмување на возило од рент-а-кар компанија.
За случајот бил известен јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица.
Истиот ден во 17:50 часот, на експресниот пат Градско – Прилеп, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Михајлово“ и СВР Велес дале знак за запирање на патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во кое биле превезувани мигранти.
Возачот не запрел, туку продолжил со движење, по што кај клучката Крушевица изгубил контрола над возилото и удрил во банкините покрај патот. По несреќата, возачот и мигрантите го напуштиле местото.
Набргу потоа, во близина биле пронајдени две лица мигранти од Пакистан со телесни повреди. Тие биле пренесени во Општата болница во Кавадарци, каде им била укажана медицинска помош, а потоа биле сместени во Прифатниот центар за странци „Гази Баба“.
По преземените мерки, на 22.07.2026 во 01:00 часот, на експресниот пат Прилеп – Градско, кај клучката Крушевица, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „Фолксваген Голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.М. (30) од Скопје, во кое како сопатник бил И.Н. (34) од Скопје, со живеалиште во село Крушопек.
Поради основано сомнение дека е сторител на кривично дело, од слобода бил лишен И.Н., кој бил предаден во полициска станица.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите, против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.




