Цените на нафтата денес достигнаа највисоко ниво за шест недели, поради загриженоста на инвеститорите дека ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран би можела да ги загрози енергетските резерви од Блискиот Исток.

Цената на суровата нафта од северното море Брент се искачи на 94,4 долари за барел во раното тргување, пред да се стабилизира околу 94 долари, објави „Трејдинг економикс“.
Во исто време, американската лесна сурова нафта WTI достигна 88,6 долари за барел, а потоа се повлече на околу 86,5 долари.
Пазарите ги проценуваат можните последици од потенцијална блокада на снабдувањето со нафта од Блискиот Исток, додека размената на удари меѓу САД и Иран продолжува да го нарушува извозот на нафта и нафтени производи од земјите од Советот за соработка во Заливот (GCC).
Американскиот државен секретар Марко Рубио го обвини Иран дека не ги исполнил своите претходни обврски и рече дека секој иден договор мора да гарантира слобода на навигација низ Ормутскиот теснец, како и да го спречи развојот на нуклеарната програма на Иран и поддршката на милитантните групи.
Дополнителни загрижености на пазарот предизвикаа заканите од јеменските бунтовници Хути кон бродовите што пловат во Црвеното Море, што ги зголеми стравувањата од нови нарушувања во меѓународната трговија со енергија.
Притисокот врз енергетските пазари се зголеми и по нападот врз терминалот на Конзорциумот за касписки цевководи (CPC) на брегот на Црното Море, кој е еден од клучните извозни правци за нафта од Казахстан.
Во исто време, податоците од американската Администрација за енергетски информации (EIA) покажаа дека залихите на сурова нафта во САД неочекувано се зголемија за 1,4 милиони барели минатата недела, иако аналитичарите очекуваа тие да се намалат, што го ублажи понатамошниот раст на цените на нафтата.




