Додека десетици популарни туристички дестинации низ целиот свет се борат со ефектите од прекумерниот туризам, еден европски град покажува дека е можно не само да се привлечат милиони посетители, туку и да се зачува природата, локалните заедници и квалитетот на живот. И втора година по ред, Хелсинки е на врвот на ранг-листата за најодржлива туристичка дестинација во светот.

Прекумерниот туризам стана сериозен предизвик за многу градови во последниве години. Освен што ги зголемува цените на становите и ја оптоварува инфраструктурата до крајни граници, тој остава и голем отпечаток врз животната средина. На многу места, властите веќе беа принудени да воведат ограничувања за посетителите, да го контролираат пристапот до природните атракции и други мерки за контрола на ситуацијата. Но, има и градови кои со децении следат поинаков пат.
Зошто Хелсинки е број еден
Секоја година, меѓународниот Индекс за одржливост на глобални дестинации (GDS) оценува над 100 градови низ целиот свет кои активно развиваат одржлив туризам. Рангирањето се базира на речиси 70 различни индикатори – од управувањето со туристичките текови и еколошкиот отпечаток на аеродромите до социјалната одржливост, безбедноста, синџирите на снабдување и политиките за борба против климатските промени. Втора година по ред, финската престолнина го зазема првото место.
Според извршниот директор на движењето GDS, Гај Бигвуд, Хелсинки не само што ги следи добрите практики, туку поставува и нови стандарди за одржливо управување со туристичките дестинации.
„Градот импресионира со смели климатски политики, иновативни стратегии и транспарентен пристап кон одржлив развој“, категорично рече тој.
Гетеборг во Шведска е на второ место, по него следуваат Копенхаген во Данска, Алборг во Данска, Глазгов во Шкотска, Тампере во Финска, Орхус во Данска, Лион во Франција, Белфаст во Ирска и Рејкјавик во Исланд.
Туризам што остава повеќе отколку што зема
Успехот на Хелсинки се темели на голем број долгорочни иницијативи. Градот го мери јаглеродниот отпечаток на својот туристички сектор, следи јасна климатска стратегија и активно ги поддржува бизнисите во усвојувањето одржливи практики.
Сепак, поважно е што локалните жители се во центарот на оваа политика.
„Нашата цел е кога турист ќе замине, Хелсинки да биде уште подобро место за живеење отколку што беше пред да пристигне“, вели Нина Вестеринен, директорка на градскиот туристички одбор.
Според локалните власти, успехот се должи на заедничките напори на општината, туристичкиот сектор и бизнисот. Сè повеќе компании добиваат еколошки сертификати, а производството на електрична енергија и централно греење станува се повеќе климатски прилагодено.
Бројките се импресивни – речиси 99% од хотелските соби во хотелите со над 50 соби сега се наоѓаат на локации со сертификат за одржливо управување. Ова е значително над европскиот просек. Покрај хотелите, сè поголем број конференциски центри, туристички атракции и туроператори, исто така, ги исполнуваат строгите еколошки стандарди.
Одржливоста веќе привлекува туристи
Во март, Хелсинки стана и првиот град со население од над половина милион жители што го доби престижниот сертификат „Зелени дестинации“, едно од највисоките меѓународни награди за одржлив туризам. Сертификатот е признат од Глобалниот совет за одржлив туризам (GSTC) и им оддава признание на дестинациите што вложуваат вистински напори за заштита на природата, културното наследство и благосостојбата на локалните заедници.
„За нас, одржливоста мора да биде целосно транспарентна. Не може да се ограничи на зелени рекламни пораки или таканаречено зелено перење. Сите еколошки тврдења мора да бидат докажливи и проверливи“, нагласува Вестеринен.
Оваа стратегија веќе се чини дека дава опипливи резултати. 2025 година се окарактеризира како рекордна година за туризмот во финската престолнина. Податоците од Статистика Финска покажуваат дека во првите седум месеци од годината, бројот на ноќевања од странски туристи се зголемил за 19% во споредба со истиот период претходната година.
Трендот не е случаен. Меѓународните студии покажуваат дека патниците сè повеќе избираат дестинации кои се грижат за природата и локалните заедници.
Според Извештајот за одржливо патување на Booking.com за 2025 година, повеќе од половина од патниците веќе размислуваат за тоа како нивните посети влијаат врз луѓето и животната средина. А цели 93% од испитаниците велат дека сакаат да патуваат поодговорно и веќе преземаат конкретни чекори во оваа насока.




