
По неколкуте успешни гостувања на одлични солисти и ансамбли со различна жанровска програма за кои публиката покажа голем интерес, синоќа репертоарот на класична музика на 66. „Охридско лето“ повторно беше исполнет со импресивен настап на Камерниот оркестар на Националната Опера и Балет под диригентската палка на Бисера Чадловска и сопранот Наде Талевска која беше солист на вечерта.
Професионализмот и големиот креативен потенцијал на уметниците ги одразуваше не само нивните индивидуални квалитети, туку и префинетоста во заедничкото музицирање што беше видливо уште при првата композиција од репертоарот, меланхоличната мелодија „Хризантеми“ од Џакомо Пучини.

Диригентката Бисера Чадловска, како и секогаш, и овојпат покажа голема уметничка зрелост, креативност и енергичност.

Маестра Чадловска редовно диригира со Симфонискиот и Оперскиот оркестар во Националната опера и балет, но, како што кажа, првпат со Камерниот оркестар на најголемата национална установа од областа на културата во земјава.
Камерниот оркестар на Националната опера и балет е формиран во 2010 година и е составен од истакнати музичари и солисти на Оркестарот на НОБ. Во своето постоење настапувал на бројни сцени надвор од Македонија, а во својот репертоар секогаш отстапува голем простор за македонските композитори.




