Зголемена фреквенција на возила се очекува денес на граничните премини и на главните патишта од туристичките центри кон Скопје. Возачите што се враќаат од Грција, Охрид и Струга треба да предвидат дополнително време за патување, особено во попладневните и вечерните часови.

На граничните премини Богородица и Табановце се можни повремени задржувања поради засилениот викенд-сообраќај. На Меџитлија, Дојран и Ќафасан не се очекуваат подолги чекања, но состојбата може брзо да се промени во зависност од приливот на возила.
Возачите треба да ја проверат актуелната состојба непосредно пред поаѓање, бидејќи времето на задржување на граничните премини се менува во текот на денот.
На патниот правец Кичево – Охрид, поради градежни активности на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации и привремено изменет режим.
Потребна е зголемена внимателност, почитување на поставената сигнализација и планирање дополнително време за патување. Забавувања се можни и на делови од патот Гостивар – Кичево, особено во зоните каде што се изведуваат градежни или санациски работи.
Забрани за товарни возила
Во недела важи забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, во периодот од 09:00 до 22:00 часот.
На патниот правец Скопје – Охрид – Скопје важи дополнителна забрана за товарни возила над 7,5 тони, од 07:00 до 22:00 часот. Од ограничувањата се изземени возилата опфатени со посебните прописи, меѓу кои дел од превозниците на леснорасиплива стока, гориво и жива стока.
Најсилен повратен бран кон Скопје се очекува во доцните попладневни и вечерните часови, на правците Охрид – Кичево – Гостивар – Скопје и Гевгелија – Велес – Скопје.
Поголема густина на сообраќајот е можна и на влезовите во Скопје, особено по должината на западниот и јужниот приод кон градот.




