Официјалната веб-страница на Пентагон за следење воени жртви продолжува да покажува неточни податоци, речиси еден ден откако податоците за загинатите и повредените американски војници во војната со Иран исчезнаа од евиденцијата, јавува Си-Ен-Ен.

Според претходните податоци, бројот на американски војници загинати во конфликтот бил 18, но во четвртокот податоците за четворица загинати и десетици повредени исчезнале од официјалната база на податоци, објави американскиот ТВ канал во саботата.
Претставници на американското Министерство за одбрана тврдат дека имало „прекинување на податоците“, а не намерно отстранување на информациите.
Проблемот предизвика реакција кај демократските сенатори, кои од секретарот за одбрана Пит Хегсет побараа објаснување и комплетна евиденција за воените загуби на САД.
„Американскиот народ, Конгресот, членовите на војската и нивните семејства имаат право на целосна и точна сметка за човечките трошоци на војната“, се вели во писмото потпишано од 12 демократски членови на Комитетот за вооружени сили на Сенатот на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно потврди дека бројот на загинати американски војници достигнал 18, но ја минимизираше таа бројка споредувајќи ја со загубите од Виетнамската војна.
„Еден е премногу, но има 18, додека ние изгубивме 200.000 во Виетнам“, рече Трамп.
Официјалните податоци на Пентагон наведуваат дека за време на Виетнамската војна загинале 58.220 американски војници.
По промената на податоците, официјалната база на податоци покажа 14 загинати, меѓу кои и морнар кој загина по хеликоптерската несреќа во Арапското Море на почетокот на јули.
Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека има технички проблеми.
„Министерството за војна е свесно за привремени нарушувања на податоците во системот за анализа на воените жртви. Проблемите во моментов се решаваат во соработка со воените служби“, рече Парнел.
Сепак, Пентагон не објасни зошто податоците не се вратени речиси еден ден по настанувањето на проблемот, ниту дали системот ќе биде променет за да се спречат слични грешки во иднина, наведува Си-Ен-Ен.
Американската ТВ мрежа претходно посочи дека има повеќе флуктуации во официјалната база на податоци, додека воените претставници рекоа дека може да поминат денови или дури недели пред да бидат официјално внесени одредени податоци во системот поради медицинските проверки и административните процедури.
За време на војната, Пентагон беше критикуван и поради бавното објавување на информации за бројот на ранети војници.
Портпаролот на Министерството за одбрана претходно објави дека „речиси 100 припадници на американската војска“ биле повредени од почетокот на конфликтот, иако голем број од тие случаи тогаш не се појавиле во јавните записи.
Сенаторите бараат детален извештај за сите воени жртви на САД и објаснување зошто јавно достапните податоци не се навремени и прецизно ажурирани.
„Јавноста има право да ја знае целосната цена на војната“, рекоа сенаторите во нивното барање до Пентагон.




