дома Локално Клучката Момин Поток и булеварот Борис Трајковски ќе бидат готови до Нова...

Клучката Момин Поток и булеварот Борис Трајковски ќе бидат готови до Нова година

Реализацијата на клучката Момин Поток веќе достигна 75 проценти, а целиот сообраќаен потег ќе биде целосно завршен и ставен во функција до Нова година, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за време на денешниот увид на градежните работи. Според неговите изјави, откако пред седум месеци проектот бил затекнат во состојба на потполна стагнација, имотно-правните односи и експропријацијата денес се целосно решени со стопроцентна исплата на сите засегнати граѓани. Од градската администрација додаваат дека овој комплексен капитален зафат опфаќа пет нови моста, заштитни потпорни ѕидови и пешачко-велосипедски патеки кои значително ќе го растоварат сообраќајниот метеж.

Како што посочи Ѓорѓиевски, паралелно се работи и на комплетирање на булеварот „Борис Трајковски“ во Драчево со ист рок за завршување, додека во текот на следниот месец ќе започнат градежните активности за булеварско поврзување меѓу Гази Баба и Аеродром. Премиерот Христијан Мицкоски го поздрави напредокот на терен, потврдувајќи дека Владата обезбедила 60 милиони денари поддршка и дека ќе продолжи финансиски да ги поддржува сите приоритетни проекти за главниот град.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја објасни тековната динамика и зафатите на терен:

„Задоволство ми е што денеска заедно со претседателот на Владата вршиме увид на еден од клучните проекти за градот Скопје, а тоа е клучката Момин Поток. Оваа клучка пред околу седум месеци ја начекав во состојба на целосна стагнација, со само 10% реализација на експропријацијата на овој потег. Денес можам гордо да кажам дека експропријацијата е 100% решена и сите граѓани кои беа предмет на истата се целосно исплатени од страна на градот. Денес веќе имаме 75% реализација на проектот. Рокот што го ветив во предизборието е дека до Нова година овој потег ќе биде целосно завршен. Станува збор за сериозен и комплексен проект кој значително ќе го намали сообраќајниот метеж во овој дел од Скопје.“

Детали за мостовите и нови булеварски траси

Описувајќи ги специфичностите на теренските градежни дејствија, Ѓорѓиевски додаде:

„Клучката содржи велосипедски и пешачки патеки, изградени се околу 2 километри потпорни ѕидови и се работи на вкупно пет моста. Мостот во наша непосредна близина ќе биде бетониран во вторник, по што ќе биде ставен во функција за целосно поврзување со кружниот тек кој се наоѓа на 500 метри од овде. Последниот мост го градиме во делот на Сарај, каде стариот мост се руши и се проширува. Сакам да го споменам и булеварот „Борис Трајковски“ во Драчево, каде целосно се решени имотно-правните односи, се работи на трасата и рокот за завршување исто така е до Нова година. Во текот на месец август ќе започнеме да го работиме и поврзувањето на Гази Баба и Аеродром преку булеварот „Генерал Михајло Апостолски“, каде се чека рокот за напуштање на објектите.“

Владина поддршка за Скопје и честитки од премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди силната владина поддршка за реализација на скопските зафати:

„Сакам да му се заблагодарам на претседателот на Владата за силната поддршка. За овој проект од Владата се обезбедија 60 милиони денари во изминатиот период и верувам дека таа поддршка кон Скопје ќе расте и во годините кои следат, рече Ѓорѓиевски. Сакам да упатам честитки за работата на градоначалникот. За овие неколку месеци се направија големи чекори во проекти кои беа до никаде и беа заглавени. Со посветена и концентрирана работа, очекуваме до Нова година овие три проекти да бидат завршени, истакна Мицкоски.“

ПредходнаПожар во парк шумата Гази Баба
СледнаИзраелски доселеници запалија две џамии на Западниот Брег