Истрагата за случувањата во Гостивар тече, изјави денеска првиот човек на Министерството за внатрешни работи посочувајќи дека засега нема детали што би можело да се споделат со јавноста.
За барањата на опозицијата водоводните системи да ги чува Армијата, министерот Панче Тошковски вели дека во мирнодопски услови институција која е надлежна за водоводните системи е институцијата која се грижи за овие системи во рамки на општината.
– Дали лично сметам дека војската треба да ги обезбедува водоводните системи? Не, не сметам. Тоа не е работа на Министерството за одбрана и не е работа на Армијата, барем не во мирнодопски услови така што секоја институција што е надлежна да се грижи за водоводните системи во рамките на општините е должна да ги преземе сите законски ингеренции утврдени со регулативата. Сметам дека, доколку секој си ја работи работата што му е утврдена со законските и подзаконските акти, не би требало да имаме вакви проблеми, а опозицијата наместо да ја зоврива атмосферата и да предизвикува хистерии, би им препорачал да се фокусираат на доброто на граѓаните, изјави денеска Тошковски.
По загадувањето со фекалии на градскиот водовод во Гостивар поради што лекарска помош побараа над 4.000 граѓани, денеска конечно гостиварци може да ја користат водата како техничка, но не и за пиење.




