Иранското Министерство за надворешни работи денес издаде трето предупредување до Бугарија, откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно му се заблагодари на бугарскиот премиер Румен Радев за неговата поддршка на американските воздухопловни сили.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, во соопштение објавено на социјалните мрежи изјави дека „донесувачите на одлуки во Бугарија мора да ја сносат одговорноста за опасната одлука за стационирање на американски авион за полнење гориво во нивните воени бази“, објави „Еуроњуз“.
Багеи додаде дека Техеран верува дека ова не е изолиран случај на бугарска поддршка за Соединетите Американски Држави, наведувајќи дека слични одлуки се донесени и претходно за „поддршка на американските воени операции против Иран“.
„Бугарскиот народ многу добро знае дека иранскиот народ никогаш немал никакви проблеми со Бугарија. Со децении, односите меѓу нашите два народа се темелат на меѓусебно почитување“, додаде Багеи.
Последното предупредување на Иран до Бугарија дојде неколку дена откако Трамп јавно му се заблагодари на бугарскиот премиер Румен Радев за одлуката на бугарскиот парламент да им дозволи на американските авиони да се полнат со гориво во бугарските воени бази.
Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов изјави за бугарската телевизија БТВ дека не е загрижен за можноста Иран да изврши ракетен напад врз Бугарија, иако додаде дека „сè е можно“.
Зборувајќи за стравувањата од потенцијални терористички напади, Стојанов рече дека ризикот е помал сега отколку кога американските воени авиони беа стационирани на цивилниот аеродром.




