Разговорите меѓу Вашингтон и Техеран се „добри“ и постои можност за напредок во преговорите, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека Вашингтон ќе продолжи со воените активности доколку преговорите не бидат успешни.

„Водиме добри разговори и ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека има голема шанса нешто да се постигне. Ако тоа се случи, толку подобро. Ако не, ќе се вратиме на она што го правевме пред два дена“, изјави Трамп за новинарите во понеделник во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ на пат кон државата Мичиген.
Тој изјави, според АП, дека иницијативата за нови контакти дошла од иранска страна.
„Тие дојдоа директно кај нас затоа што ги удиравме многу силно“, рече Трамп, додавајќи дека ако немаше воена акција на САД, Иран „дури и немаше да разговара“. На прашањето дали губи трпение со преговорите, американскиот претседател рече дека нема причина за тоа. Тој додаде дека САД и Израел се многу усогласени во однос на политиката кон Иран. АП објави, повикувајќи се на регионални претставници, дека медијаторите предводени од Катар и Пакистан постигнале значителен напредок во напорите да ги вратат САД и Иран на преговарачка маса откако двете страни ги прекинаа нападите една врз друга по двонеделната ескалација на конфликтот. Изворите велат дека медијаторите предводени од Катар и Пакистан се обидуваат да ги надминат разликите меѓу Вашингтон и Техеран и да олеснат враќање на привремениот договор за прекин на огнот кој пропадна по размената на напади.




