Анкетната комисија ќе го испита однесувањето на сите инволвирани лица, особено на членот на Владата кој учествувал во инцидентот, како и постапувањето на надлежните служби и на раководството на Собранието, пишува во барањето на ДУИ за одговорност на министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, објавио Слободен печат.

Партијата на Али Ахмети бара анкетна комисија да го расчисти инцидентот во кој министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ навредил пратеници на седницата за време на седницата на реконструкција на Владата.
ДУИ до крајот на неделава ќе го достави до претседателот на Собранието Африм Гаши барањето да се формира Анкетна комисија за утврдување на околностите поврзани со инцидентот во просториите на Собранието, брифираат за „Слободен печат“ од партијата.
Опозициските СДСМ и ДУИ тогаш обвинија дека Стоилковиќ во просторот пред пленарната сала упатил навреди кон Фатмир Битиќи и МиткоТрајчулевски од СДСМ и кон пратеничката Арбана Пашолиод ДУИ и дека само интервенцијата на неколку пратеници спречиле физичка пресметка меѓу министерот и двајцата пратеници од СДСМ.
Во документот кој ДУИ ќе го достави до петок се бара Собранието да донесе одлука за основање на анкетна комисија.
„Анкетната комисија има за цел да ги утврди сите релевантни факти и околности позврзани со настанот, да ја испита постапката на надлежните институции и Службите на Собранието, како и да утврди дали со постапувањето или непостапувањето на одговорните лица се повредени достоинството и интегритетот на Собранието, правата на пратениците и принципите на транспарентност и отчетност“, пишува во документот.
Анкетната ќе треба да ја утврди хронологијата на настаните и сите околности поврзани со инцидентот.
„Анкетната комисија ќе го испита однесувањето на сите инволвирани лица, особено на членот на Владата кој учествувал во инцидентот како и постапувањето на надлежните служби и раководството на Собранието“, се вели во барањето на ДУИ.
Ова значи дека интегративците бараат да се испита одговорноста и на претседателот на Собранието Африм Гаши.
Анкетната ќе треба да утврди дали однесувањето на Стоилковиќ претставува повреда на достоинството на Собранието и на пратениците. Анкетната ќе треба да ги обезбеди и да ги разгледа снимките од официјалниот систем за видеонадзор на Собранието, како и сите други релевантни документи, записи и докази.
„Анкетната ќе ќе испита дали одбивањето да се овозможи увид во снимките од страна на претседателот на Собранието било во согласност со законските прописи, прписите за заштита на личните податоци, Деловникот и принципите на јавност и транспарентност“, се вели во документот.
Анкетната комисија ќе сослуша министри, пратеници, Гаши и вработени во Собранието. Анкетната ќе треба да изготви препораки за преземање на соодветни институционални мерки за да спречи идни можни инциденти. Според документот, анкетната ќеб се состои од 15 члена и нивни заменици, а претседателот и членовите на комисијата ќе ги избере Собранието на предлог на Комисијата за прашања и именувања.
За да се формира анкетна комисија потребни се потписи од 20 пратеници, кои ДУИ ги обезбедила бидејќи освен нивните пратеници, потписи добиле и од колегите од Албанска лига, Алијанса за Албанците и од Фатмир Битиќи од СДСМ.
Според информации од ДУИ, на СДСМ му било понудено да застане зад барањето да се формира анкетна комисија, но дека до сега потпис ставил само Битиќи, а не се потпишал Трајчулески иако беше инволвиран во инцидентот.
-Секој што го нарушува кредибилитетот на Собранието, ја доведува во прашање безбедноста и интегритетот на пратеникот и на Собранието, на соодветен начин треба да се побара расчистување на случајот. Ако треба и свикување на Анкетна комисија, но без исклучување на сите други законски чекори што треба да се преземат – ни изјави Битиќи.
На седницата за реконструкција на Владата, Стоилковиќ во просторот пред пленарната сала за влакно фалело физички да се пресмета со Битиќи и со Трајчулески, ги навредувал, пцуел и им се заканувал.
Пратеничката група на СДСМ по инцидентот одржа вонредна прес-конференција и оцени дека „навредите што беа упатени кон Битиќи и Трајчулески претставуваат говор на омраза што може да роди насилство“ . СДСМ тогаш оцени дека тоа што следувало по прекинувањето на седницата бил вистински напад, бидејќи Стоилковиќ се нафрлил врз пратениците физички, вербално и со пцости.
Пратениците на ДУИ пак, на седницата побараа извинување и од Гаши и од Стоилковиќ. На една од паузите се случил нов инцидент во Клубот на пратениците. Таму пратеничката на ДУИ Арбана Пашоли кога видела дека и Стоилковиќ е таму, побарала тој да излезе. Стоилковиќ ѝ рекол да „шета во Дебар“ и тогаш рипнал пратеникот Талат Џафери, но други пратеници од ДУИ и од СДСМ се стрчале за да не дојде до тепачка.
По инцидентот СДСМ побара увид во снимките од инцидентот во Собранието, но претседателот на Собранието не дозволи бидејќи тие подложат на Законот за заштита на личните податоци и поради тоа нема да бидат доставени на увид.





