Предлог-законот за проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ којшто денеска е на пленарна седница уште недонесен, ја разбранува јавноста.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара стопирање на законот поради можности за корупција, а од политичката партија Левица посочуваат дека градоначалникот на Скопје веќе го назначил екс директорот на МРТ Марјан Цветковски за директор на Фондацијата иако таа уште не е основана.
– Ова назначување го отвара наједноставното, најлогично, но и најсуштинско прашање: врз основа на кое законско овластување е извршено ова назначување? Според Предлог-законот, директорот на Фондацијата го именува Управниот одбор. Но Управен одбор сè уште не може да постои, бидејќи Фондацијата не е основана со закон. Ова покажува дека кадровските решенија се однапред договорени, а законот треба само дополнително да ги легализира, велат од Левица.
Според Левица, загрижува и изборот на Марјан Цветковски за прв човек на Фондацијата.
– Во 2019 година, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против Цветковски поради сомнение за злоупотреба на службената положба. Според тогашните информации, при обезбедување кредит од околу 2,5 милиони евра за набавка на техничка опрема, под хипотека бил ставен имот на МРТ без соодветна согласност од Собранието, при што била направена штета од околу 154 милиони денари. Во текот на неговото раководење, ревизорските извештаи континуирано укажуваа на висока задолженост, одложени инвестиции и проблеми во финансиското работење на јавниот сервис. По 14 години директорски мандат, МРТ остана јавен сервис што заостанува зад националните радиодифузери во регионот, велат од Левица.
Спорно, според Левица, е и што Предлог-законот отвора сериозни дилеми околу начинот на трошење на јавните средства. односно се предвидува посебен режим на набавки надвор од Законот за јавните набавки.




