дома Македонија Економија Бјорн Габриел од ЕИБ за МИА: Фокусирајте се на зелената енергија и...

Бјорн Габриел од ЕИБ за МИА: Фокусирајте се на зелената енергија и енергетскиот систем

 Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток не научи дека треба да се ослободиме од зависноста од фосилни горива и посилно да се насочиме кон енергетската автономија и кон зелената транзиција. Западен Балкан е во клучен момент во својата енергетска транзиција. Регионот има значаен потенцијал за обновливи извори и силна стратешка позиција, но претворањето на тој потенцијал во реалност бара побрза и покоординирана акција, вели во интервју за МИА раководителот на Канцеларијата на Европската инвестицика банка во земјава, Бјорн Габриел.

Според него, државава постигнува охрабрувачки напредок на ова поле и е на вистинскиот пат. Веќе се започнати повеќе стратешки приоритетни проекти, но треба заеднички да направиме повеќе и побрзо за да ја оствариме енергетската транзиција.

– Инсталираниот капацитет од обновливи извори значително се зголеми и сега надминува 50 проценти од вкупниот инсталиран капацитет, додека обновливите извори учествуваат со околу една третина во производството на електрична енергија. Земјата, исто така, оствари значителен напредок во усогласувањето на своето законодавство со стандардите на ЕУ и има силна меѓународна поддршка. Одлуката на Владата да формира посебно Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини во 2024 година покажува силна посветеност на одржлив енергетски развој. Капацитетите за обновлива енергија брзо се зголемија од 2022 година наваму, главно поттикнати од соларната енергија. Иако ветерната енергија останува недоволно развиена, земјата постави амбициозни цели од 300 до 500 MW до 2030 година, во зависност од капацитетот на мрежата. Во исто време, се преземаат напори за проширување и модернизација на електричната мрежа, оценува Габриел.

Фокусот, според него, сега треба да биде ставен на модернизација на енергетскиот систем, особено на мрежите, интерконекциите и пазарната интеграција, за да може да се интегрира поголем удел на обновливи извори на енергија. Ова, вели Габриел, е од суштинско значење не само за зголемување на уделот на чиста енергија, туку и за обезбедување стабилност на системот и енергетска безбедност.

– Сепак, постепеното укинување на јагленот бара флексибилен и добро функционален енергетски систем. Голем дел од енергетската инфраструктура низ Западен Балкан останува застарена, додека надградбите на мрежата и напорите за дигитализација сè уште се во тек. Овие подобрувања се неопходни за системот да може да прифати поголем удел на обновлива енергија, чие производство е варијабилно. Затоа, на системот му е потребна доволна флексибилност за да ги балансира флуктуациите, да ја подобри енергетската ефикасност и ефикасно да го интегрира дистрибуираното производство. Постигнувањето стабилно и избалансирано снабдување со енергија бара и развој на капацитети за складирање енергија, особено батериски системи, кои засега се применуваат само во ограничен обем, нагласува Габриел.

Во интервјуто  за МИА, раководителот на Канцеларијата на ЕИБ во земјава говори и за потребата од отпорност на енергетските системи на се почестите климатски промени, како и за тоа колку регионот на Западен Балкан е блиску до поврзување со европскиот енергетски пазар.

целото интервју тука

ПредходнаЗемјотрес во Албанија, почувствуван во Струга
СледнаПоранешниот шеф на Хрватски патишта и екипата обвинети. Земале мито,.. вечери, хотели