дома Технологии САД забранија увоз на хуманоидни роботи од Кина

САД забранија увоз на хуманоидни роботи од Кина

Администрацијата на амриканскиот претседател Доналд Трамп воведе забрана за увоз на нови хуманоидни роботи и конвертори на енергија од Кина, со цел да ја заштити земјата од шпионажа и кибер закани, но истовремено и да го зајакне домашниот сектор за вештачка интелигенција и технологија.

Со одлуката на американската Федералната комисија за комуникации (ФЦЦ) се забранува увоз на нови кинески хуманоидни роботи, роботи со четири нозе (познати како роботски кучиња) и конвертори на енергија, што се користат за поврзување на обновливи извори на енергија како што се соларни панели, батерии и центри за податоци со електричната мрежа.

Мерката стапува на сила веднаш, но само за нови модели кои сè уште не се пласирани на американскиот пазар. Сепак, ФЦЦ го задржува овластувањето последователно да ги отстрани и претходно одобрените производи од пазарот.

Забраната формално се однесува на нови странски роботи, но првенствено е насочена кон Кина, која контролира околу 85 проценти од глобалниот пазар за хуманоидни роботи. Се очекува ФЦЦ да ги ослободи од забраната повеќето некинески производители, како што се случи и со претходните ограничувања за увоз на странски дронови и рутери.

Новата забрана за увоз е дел од пошироката американска стратегија за намалување на зависноста од кинеската технологија и проширување на домашната индустрија за вештачка интелигенција. Според ФЦЦ, напредните кинески роботи претставуваат „неприфатлив ризик за националната безбедност“ на САД.

Вашингтон стравува дека роботите би можеле да бидат користени за шпионажа, собирање чувствителни податоци или кибер напади врз критичната инфраструктура. Според ФЦЦ, тие би можеле да пренесуваат информации до Кина или дури и да бидат контролирани од далечина.

Според Комисијата, и кинеските конвертори на енергија, исто така, претставуваат безбедносен ризик. Тие би можеле да бидат злоупотребени за прекин на снабдувањето со електрична енергија, кражба на податоци или давање пристап на странски влади до критични системи.

Покрај тоа, Администрацијата на Трамп сака да ги спречи САД да останат зависни од кинеските добавувачи за стратешка технологија за вештачка интелигенција. Со забраната за увоз на одредени производи, Вашингтон има за цел да го врати производството на критична технологија во САД, со што се надева и дека ќе го зајакне домашниот технолошки сектор.

Кина од своја страна ги обвини САД дека со оваа одлука ги „политизираат“ трговските прашања и неосновано ги клеветат кинеските компании.

Кинеското Министерство за надворешни работи забраната ја нарече „протекционистичка“ и предупреди дека Пекинг ќе ги преземе „сите потребни мерки“ доколку се нарушат интересите на кинеските компании.

Одлуката доаѓа во пресрет на средбата на претседателите на САД и Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг во Вашингтон на 24 септември, на која се очекува главна тема на дискусија да бидат вештачката интелигенција и технолошката конкуренција меѓу двете земји.

ПредходнаПовлечен спорниот закон за Скопје – европска престолнина на културата
СледнаПожар кај Велес: Активирани два авиона „ер трактор“ за гаснење на огнот