
Целта на регулативата е да се забрза постапката и да се олесни работата на имиграциските власти. Државните агенции што ги обработуваат тие барања немаат доволно персонал за да го обработат големиот број апликации.
Покрај тоа, новите прописи треба да ја хармонизираат административната постапка низ целата земја преку создавање правна рамка за развој на вештачката интелигенција, односно анализа и донесување одлуки со нејзина помош.
Владините агенции, вклучувајќи ја и федералната Канцеларија за миграција и бегалци (BAMF), локалните имиграциски власти и Министерството за надворешни работи, ќе бидат овластени да користат податоци од апликациите за обука, валидација и тестирање на вештачка интелигенција.
Овластувањето се однесува и на внесување податоци од претходно решени апликации, што ќе ѝ помогне на вештачката интелигенција да препознава шеми при одлучување за барањата, да ги хармонизира стандардите за обработка и да идентификува можности за забрзување на постапката.
Дополнително, ќе биде дозволена автоматска проверка на јавно достапните онлајн податоци. Кога персоналот се сомнева во податоците во апликацијата, ќе им биде дозволено да ги споредат тие податоци со податоци од интернет.
Владата на канцеларот Фридрих Мерц објави дека вештачката интелигенција ќе биде само алатка за помош. Конечната проценка и одлуката за барањето е исклучиво на персоналот.




