
Словенечката претседателка Пирц Мусар се здоби со полесни повреди во сообраќајна несреќа што се случи вчера во тунелот Кастелец. Пирц Мусар е однесена во болница во Изола, а денес треба да биде пуштена на домашно лекување.
Според соопштението од Кабинетот на Пирц Мусар, несреќата се случила на враќање од Хрватска, каде што претседателката бил на одмор. Таа била на пат кон Коменда, каде што требало да присуствува на хуманитарен настан организиран од најдобриот светски велосипедист Тадеј Погачар, наречен „Поги предизвик“.
„Таа е почесен покровител на настанот“, се додава во соопштението на Кабинетот.
Според полициската управа во Копер, во сообраќајна несреќа, што се случила околу 17 часот, учествувале две полициски возила кои биле во конвој што „придружувало заштитено лице“.
Според досега собраните информации, во инцидентот се повредени две лица, од кои едното се здобило со полесни, а другото со потешки повреди. И двете се пренесени со амбулантно возило во Општата болница во Изола. Поради спроведување на итни интервентни активности и увид на местото на несреќата, тунелот Кастелец бил привремено затворен за сообраќај, но бил повторно отворен кратко по 20 часот. Причините за несреќата сè уште не се познати.
За несреќата е известен и надлежниот оддел на Специјализираното државно обвинителство. Специјалниот оддел на Обвинителството е одговорен за гонење на службени лица со посебни овластувања, вклучително и полициски службеници. Според словенечките медиуми, вклученоста на ова Обвинителство укажува дека несреќата ја предизвикал полицаец кој ја придружувал претседателката на Словенија.




