дома ТОП ВЕСТИ ФОТО | Полицијата експресно ги уапси пиштолџиите што се веселеа во Гостиварско

ФОТО | Полицијата експресно ги уапси пиштолџиите што се веселеа во Гостиварско

фотографии од МВР

Шест лица се приведени, едно е повикано на службен разговор, направени се претреси и пронајдени се оружје и муниција, а следуваат и пријави. Ова е билансот по акцијата на полицијата од Тетово, откако по социјалните мрежи се појави видео со млади луѓе, качени на возилo, кои пукаат со пиштоли за време на веселба во Гостиварско.

„Денеска (01.08.2026) полициски службеници од СВР Тетово во врска со објавеното видео на социјалните мрежи за пукање на семејна веселба во Добридол, гостиварско, извршија претреси на повеќе локации, при што се приведени шест лица, а едно лице е повикано на службен разговор. При претресите се пронајдени и одземени оружје и муниција.

Во 18:00 часот е извршен претрес кај И.С. (21) од село Добридол, а во 18:05 часот, кај А.И.(30) од с.Добридол, при што е пронајден и одземен еден гасен пиштол. Во исто време е извршен претрес и кај И.Б.(25) од с.Добридол.

Во 18:15 часот е извршен претрес во домот на Б.А. во с. Добридол, при што се пронајдени 30 куршуми за гасен пиштол, додека во дворот се пронајдени 27 испукани чаури од гасен пиштол и еден патрон за ловно оружје. Од слобода се лишени Б.А. (46) и неговиот син М.А. (21) од с.Добридол.

Потоа, во 18:25 часот извршен е претрес кај Т.М.(26) од с.Добридол, при што се пронајдени и одземени еден пиштол со осум куршуми, една ловна пушка со седум куршуми и еден гасен пиштол, по што тој е лишен од слобода, а С.М. е повикан на службен разговор“, соопштија од МВР.

Оттаму посочуваат дека сите лица се приведени во полициска станица за понатамошна постапка и по целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

ПредходнаНајмалку тројца загинати, најмалку 15 повредени во експлозија во московски ресторан
СледнаДелови од Дебар соочени со недостиг на вода, се апелира на рационална потрошувачка