дома Свет Балкан Мегапожар западно од Атина: Уништени над 100 куќи, евакурани четири населби

Мегапожар западно од Атина: Уништени над 100 куќи, евакурани четири населби

Голем шумски пожар што избувна во областа Порто Гермено, западно од Атина, прерасна во мегапожар, зафаќајќи повеќе од 100 куќи и принудувајќи ги пожарникарите да се повлечат во некои области пред огнената стихија, додека властите наредија нови евакуации на населението во четири населби.

Според „Прототема“, во пожарот што се проширил на три активни фронта изгореле или биле оштетени повеќе од 100 куќи. Најзагроена од пожарот е населбата Ливадостра во Беотија на чии жители им е наредено итно да се евакуираат. Наредена е и евакуација и на жителите на населбите Агија Параскева, Крио Пигади и Агиос Нектариос.

Грчката крајбрежна стража евакуираше 12 лица од плажата во Порто Гермено утрово, додека спасувачките операции беа спроведени во крајбрежните области во текот на ноќта.

Пожарникарите, поддржани од противпожарни авиони и хеликоптери, се обидуваат да го локализираат пожарот таму каде што дозволуваат временските услови, но силните ветрови го отежнуваат неговото гаснење.

Голем пожар беснее и во областа Панорама Егијалија, над градот Селијанитика во Ахаја, на северозападниот дел на полуостров Пелопонез, каде што властите наредија евакуација на населбите Аравоника, Синанија, Агии Теодори и Лидорики.

Жителите на населбите Нео Еринео и Аравоника во областа Неранџиес исто така беа евакуирани во текот на ноќта.

Петтото, највисоко, ниво на опасност од појава и ширење на пожар беше прогласено денеска за регионите Атика и Евија.

Грчките власти предупредуваат дека временските услови остануваат исклучително лоши, зголемувајќи го ризикот од понатамошно ширење на пожарот.

ПредходнаСловенечката претседателка полесно повредена во сообраќајна несреќа
СледнаСилувал девојка со здравствени проблеми, приведен жител на село од Македонски Брод