Во нападите со украински беспилотни летала загинаа најмалку две лица во Русија, а погоден е и магацин на „Вајлдберис“, најголемиот онлајн трговец на мало во земјата, соопштија регионалните власти, цитирани од „Ројтерс“.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека 635 украински беспилотни летала биле соборени во текот на ноќта.
Гувернерот Вјачеслав Федоришчев изјави дека е нападнат магацин на „Вајлдберис“ во регионот Самара, на околу 800 км од најблиските украински позиции. Тој рече дека нема жртви и дека пожарот предизвикан од нападот е изгаснат.
Украина ги засили своите напади длабоко на руска територија, сè повеќе насочувајќи се кон економски и енергетски цели во обид да ја ограничи способноста на Москва да ја продолжи војната, која сега е во нејзината петта година. Од 18 јули, украинските сили нападнаа околу десетина локации на „Вајлдберис“ во обид да ја нарушат компанијата , која е клучен дел од потрошувачката економија на Русија и често се опишува како руски одговор на „Амазон“.
Саратов, каде што се наоѓа голема рафинерија за нафта, и Енгелс, каде што се наоѓа воена воздухопловна база, во последните години постојано беа нападнати од Украина.
Во Башкортостан, гувернерот Радиј Хабиров изјави дека воздушната одбрана одбила масовен напад со беспилотни летала врз индустриски објекти. Едно беспилотно летало беше соборено над индустриска зона во главниот град Уфа, а пожарите се гасат на лице место.




