дома Свет Новите правила на ЕУ за содржини со вештачка интелигенција носат обврски и...

Новите правила на ЕУ за содржини со вештачка интелигенција носат обврски и за медиумите

Новите правила за транспарентност утврдени со Законот за вештачка интелигенција на ЕУ што почнаа да се применуваат од неделата, треба да ѝ олеснат на јавноста да препознае кога комуницира со системи на вештачка интелигенција и кога одредена содржина е генерирана или изменета со помош на оваа технологија.

Во тие рамки свои обврски имаат и медиумите кои се поврзани со означувањето на лажни (дипфејк) фотографии, аудио и видео содржини, како и со одредени текстови за прашања од јавен интерес.

Новите правила на ЕУ не значат дека секој новинарски текст подготвен со помош на вештачка интелигенција мора автоматски да биде етикетиран. Она што е клучно е дали содржината поминала значителна човечка верификација или уредничка контрола и дали физичко или правно лице ја презело уредничката одговорност за објавување. Дипфејк содржината мора јасно да биде етикетирана дури и кога поминала уредничка контрола.

Информациите за употребата на вештачка интелигенција мора да бидат јасни, лесно видливи и достапни за публиката кога таа првпат ќе наиде на таква содржина.

Кодекс за транспарентност на содржина генерирана од вештачка интелигенција

За да им се олесни на давателите на услуги и на корисниците на генеративни системи да ги спроведат новите обврски, Европската комисија објави Кодекс за транспарентност на содржина генерирана од вештачка интелигенција.

Документот е изготвен од независни експерти во процес во кој учествуваат експерти за техники на означување и откривање, организации на граѓанското општество, академската заедница и други заинтересирани страни, со поддршка на Канцеларијата на ЕУ за вештачка интелигенција.

Кодексот е доброволен, но обврските според член 50 од Законот се задолжителни. Ова значи дека компаниите и организациите не мора да се придржуваат кон Кодексот, но мора да докажат дека ги исполнуваат правилата за транспарентност на друг подеднакво соодветен начин.

Европската комисија и Европскиот комитет за вештачка интелигенција го оценија Кодексот како соодветна практична рамка за демонстрирање на усогласеност и затоа им носи поголема правна сигурност и предвидливост на неговите потписници во сите земји членки на ЕУ.

Корстењето на вештачка интелигенција не треба секогаш да биде назначено

Текст генериран или модифициран од вештачка интелигенција, објавен со цел информирање на јавноста за прашања од јавен интерес, не мора да биде означен, ако поминал низ соодветна човечка верификација или уредничка контрола и ако физичко или правно лице презело уредничка одговорност за неговото објавување.

Ова е особено важно за редакциите кои користат вештачка интелигенција за да помогнат во истражувањето, обработката на податоци, транскрипцијата, преводот или јазичното уредување. Самото користење на алатката во некоја фаза од работата не создава автоматски обврска за означување на конечниот текст.

Клучно е новинарот или уредникот да ги провери фактите, веродостојноста на изворот, контекстот и значењето на содржината и редакцијата да ја преземе одговорноста за објавувањето.

Сепак, Европската комисија нагласува дека површната контрола не е доволна. Проверката на правописот, граматиката или техничкиот распоред на текстот не се смета за суштинска човечка верификација или уредничка контрола. Уредникот мора да има овластување да ја одобри, измени или отфрли содржината врз основа на нејзината суштина, додека ги проверува информациите и веродостојноста на изворот.

Овој исклучок се однесува на текстови, но не ја ослободува редакцијата од обврската да означува дипфејк содржини. Доколку е објавена фотографија, аудио или видео кое користи вештачка интелигенција за верно имитирање на постоечко лице, предмет, место, организација или настан и може да изгледа автентично, уредничкиот тим мора јасно да наведе дека содржината е генерирана или изменета.

Кога дипфејк содржина е дел од очигледно уметничко, креативно, сатирично или фиктивно дело, тоа треба да биде назначено, но може да се постави на начин што нема да се меша во прикажувањето или доживувањето на делото.

Ознаката мора да биде видлива при првата објава на содржината

Кодексот предвидува дека ознаката треба да биде јасна, читлива, забележлива и достапна за различни групи публика. За фотографии или видеа, може да се постави директно на содржината.

За видеа треба да се прикаже на почетокот, а за подолги формати, доколку е можно, за време на видеото, особено по реклами или други прекини.

За аудио содржина, известувањето треба да се слушне на почетокот, додека за текст треба да се постави над текстот, до насловот или на друго место што читателот ќе го види пред да почне да чита.

Исто така, се препорачува уредничкиот тим да објасни дали содржината е целосно генерирана или само изменета и, каде што е можно, кој дел од неа е променет, на пример лицето, гласот или позадината.

Европската Унија подготви сет бесплатни икони за целосно генерирана и делумно изменета содржина, но нивната употреба не е единствениот дозволен начин за означување.

Сепак, ознаката не кажува дали содржината е вистинита. Таа ја информира публиката за нејзиното потекло и како е создадена, но не претставува потврда за точноста или доказ дека обележаната содржина е тенденциозна.

Кодексот препорачува документирани процедури за да се утврди кога една содржината е означена, која ознака се користи и што таа значи, каде се поставува, кој проверува дали означувањето е правилно извршено и како да се исправи изоставена или неточна ознака.

ПредходнаПожарот во кавадаречко најверојатно подметнат, се очекува денес да биде изгаснат
СледнаАЛАРМАНТНО: Водостојот на реките во Хрватска на најниско ниво во последните 200 години