СДСМ преку соопштение побара Јавното обвинителство да отвори истрага за премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Сашо Клековски и, како што наведуваат, сите одговорни лица, оценувајќи дека со постапувањето во врска со водата во Гостивар било загрозено здравјето на граѓаните.

Од опозициската партија тврдат дека Владата сè уште не објавила официјален документ со кој се потврдува дека водата е технички исправна, додавајќи дека единствена потврда досега била јавна изјава на премиерот.
Во соопштението се наведува дека и натаму се спроведува хиперхлорирање на водата, а СДСМ тврди дека тоа значи оти таа не била безбедна ниту за капење. Партијата посочува и дека официјално е потврдено присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa, која, според нив, претставува сериозен ризик за здравјето.
СДСМ оценува дека за случајот мора да има кривична одговорност и ги повикува надлежните институции да постапат. Воедно, го повикаа јавниот обвинител Љупчо Савевски, како што наведуваат, да постапи согласно законот и да ги заштити интересите на граѓаните. објави Скопје1.мк




