Ормуцкиот теснец ќе биде отворен „многу наскоро“ или во спротивно Иран ќе се соочи со „тежок удар“, порача американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс њуз.

„Имаме многу добри разговори“, додаде Трамп во врска со преговорите за ставање крај на конфликтот меѓу САД и Иран што трае повеќе од пет месеци, тврдејќи дека Техеран сака да постигне договор.
Според американски портал специјализиран за политика, економија и национална безбедност „Аксиос“, кој е познат по своите добри извори во Белата куќа, разговорите се водат во правец на постигнување привремен 60-дневен договор за регулирање на движењето низ Ормуцкиот Теснецот, што се наоѓа меѓу Иран и Оман.
„Аксиос“ наведува дека овој прелиминарен договор би можел да биде објавен уште денеска и со него ќе се предвидува дека целиот поморски сообраќај што влегува во Персискиот Залив преку Теснецот ќе ја користи северната рута низ иранските територијални води, а сите бродови што излегуваат ќе ја следат јужната рута низ оманските води, без да плаќаат такси.
Во текот на овој 60-дневен период, и додека не се постигне конечен договор, средниот дел од Теснецот ќе биде исчистен од мини.
Американскиот секретар за финансии Скот Бесент вчера изјави дека договор за повторно воспоставување на сообраќајот низ Ормуцкиот Теснец би можел да биде постигнат „денеска или утре“.
„Постои можност денеска или утре да постигнеме договор за повторно отворање на теснецот и да се движиме кон нормализација“, изјави Бесент во вчерашното интервју за Си-Ен-Би-Си.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, Маџед ал-Ансари, чија земја заедно со Оман е посредник во индиректните разговори меѓу Вашингтон и Техеран, вчера соопшти дека напорите за надминување на конфликтот меѓу САД и Иран се во многу напредна фаза и меѓу страните се разменуваат нацрт документи за можен договор.




