Не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија. Ние правиме план како да најдеме формула да ја намалиме или барем евтината тарифа да ја зголемиме, за разлика од најголемиот дел од земјите во Европа коишто планираат да ја зголемат цената на електричната енергија, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговорајќи на новинарски прашања, тој посочи:
– Нашите акумулации во овој момент, при крајот на сезоната за наводнување, се околу 70 проценти и имаме речиси 500 гигават-часови акумулирана електрична енергија, сосема доволно за да се чувствуваме безбедни, комотни и да немаме предизвик во делот на снабдувањето со електрична енергија на граѓаните и на индустријата. И нема да правиме панични прес конференции, нема да повикуваме на внимателност во штедењето бидејќи водевме сметка многу порано за да не се случи тоа. Јас сум навистина среќен и задоволен што ја поминавме сезоната со наводнување онака како што планиравме, а сепак, во овој период од месецот, 6 август, имаме над 70 проценти од акумулациите полни и подготвени хидроелектрани да произведуваат електрична енергија, потенцира Мицкоски.




