дома Свет Балкан Скандал во Католичката црква во Хрватска: Свештеник обвинет за сексуална злоупотреба на...

Скандал во Католичката црква во Хрватска: Свештеник обвинет за сексуална злоупотреба на малолетник

Католичката црква во Хрватска е потресена од скандал поврзан со обвинувања изнесени во медиумите против свештеник од бискупијата во Славонска Пожега за „сериозна сексуална злоупотреба на најмалку едно малолетно лице“, објави весникот „Нови лист“.

Свештеникот И.Ж. се товари дека пред повеќе од 25 години почнал сексуално да злоупотребува 16-годишен ученик во Меѓубискупската семинарија во Загреб. Злоупотребата наводно траела десет години.

Жртвата подоцна го обелоденила случајот за време на студиите во Виена, за што тогашниот надбискуп на Виена, кардиналот Кристоф Шенборн, наводно ги информирал хрватските бискупи во 2018 година. Според Дневнк.хр, Ватикан спровел истрага за случајот од 2024 до 2025 година по што резултатите од неа и насоките за понатамошни мерки биле испратени до Хрватската католичка бискупска конференција.

Меѓутоа, Хрватската бискупска конференција нагласува дека Ватикан не утврдил вина на свештеникот, ниту пак наредил негово казнување, туку само спроведување на канонска кривична постапка. Од Конференцијата посочуваат дека постапката е привремено одложена на изрично барање на цивилните власти за да не се загрози истрагата.

Бискупската конференција го отфрли и тврдењето дека загрепскиот надбискуп Дражен Кутлеша назначил службени лица кои треба да ја водат постапката, нагласувајќи дека за случајот е одговорен пожешкиот бускуп Иво Мартиновиќ бидејќи осомничениот свештеник И. Ж. е од неговата бискупија.

„Откако црковните органи ги информираа надлежните цивилни органи за случајот, на нивно изрично барање, канонската кривична постапка беше привремено одложена до завршување на цивилната истрага, соопшти Хрватската бискупска конференција.

Целта на ваквиот потег е да се спречи загрозување или компромитирање на постапките што ги водат државните органи.

Хрватското Јавно обвинителство потврди дека Општинското обвинителство во Загреб презема мерки и активности за да утврди дали постои основано сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност.

Католичката бискупска конференција меѓутоа не негира дека и претходно била информирана за случајот, што според хрватските медиуми, го покенува прашањето зошто свештеникот не бил веднаш отстранет од должноста, туку тоа е осторено дури откако случајот беше објавен во медиумите.

ПредходнаРежисерот Стеван Филиповиќ претепан на Македонска улица во Белград
СледнаКонтроверзите околу собраќајката на словенечката претседателка ја брануваат Словенија