Иран и Оман се согласија за рамката за повторно отворање на Ормускиот теснец, која би имала рок од 60 дена и би имала за цел да го врати поморскиот сообраќај и да започне технички разговори за трајно решение во тој период, изјави денес висок функционер запознаен со ова прашање.

Функционерот, кој зборуваше под услов да остане анонимен, изјави за Ал Арабија дека постигнатиот договор за отворање на Ормускиот теснец би можел да биде објавен во рок од неколку дена.
Според високиот функционер, договорот постигнат меѓу Техеран и Мускат сè уште треба да биде одобрен од Врховниот совет за национална безбедност на Иран.
Според функционерот, рамковниот договор предвидува бродовите што влегуваат во Ормускиот теснец да го користат поморскиот коридор најблиску до Иран, додека бродовите што го напуштаат теснецот ќе го користат коридорот најблиску до Оман.
Функционерот додаде дека земјите во регионот би можеле да учествуваат во процесот на расчистување на мините од водниот пат.
Изворот, исто така, изјави за Ал Арабија дека индиректните разговори меѓу Вашингтон и Техеран преку медијатори влегле во завршна фаза.
Според неименуваниот функционер, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, неодамна имал два телефонски разговори со началникот на пакистанската армија, Асми Мунир, а се очекува Аракчи да го посети Исламабад овој викенд или почетокот на следната недела.
Изворот истакна дека се очекува пакистанските претставници, кои посредуваат во конфликтот меѓу САД и Иран, да го информираат саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман за најновите случувања во преговорите меѓу САД и Иран.
Министерството за надворешни работи на Пакистан објави дека пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и Асми Мунир ќе престојуваат во официјална посета на Саудиска Арабија од денес до 8 август.



