Од средби со руски дипломати до поддршка за Украинската православна црква лојална на Москва, а не онаа признатата од Вселенската патријаршија – што ја турка Македонската паравославна црква на Исток, а не на Запад
Во исто време, Македонија е на списокот на непријатели на Москва, заедно со членките на ЕУ и НАТО, откако Русија изврши инвазија на Украина во 2022 година. Со исклучок на партиите на Србите и Левица, македонските политичари редовно избегнуваат дури и протоколарни настани организирани од Русија, пишува 360 степени.

12 јуни за поголем дел од светот е само обичен ден. Но, за официјална Москва, тоа е Денот на Русија – датумот на кој во 1990 година земјата прогласи независност.
По тој повод, Амбасадата на Русија во Скопје редовно организира прием. На годинешниот, на 15 јуни, македонската световна влада ја претставуваше само вицепремиерот Иван Стоилковиќ. Но, затоа, во име на црковната беа присутни поглаварот, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан и митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф.

Фото: Фејсбук-профил на Амбасадата на Русија
Само три дена подоцна, на 18 јуни, амбасадорот на Русија, Дмитриј Зиков, беше гостин, а архиепископот Стефан домаќин. Руската амбасада соопшти дека на средбата меѓу политичкиот претставник на Русија и поглаварот на православните христијани во земјава било разговарано за духовната соработка и традиционално пријателските односи меѓу Руската православна црква (РПЦ) и МПЦ-ОА.

Фото: Фејсбук-профил на Амбасадата на Русија
Меѓу најновите контакти на претставници на МПЦ-ОА со рускиот амбасадор Зиков е неговата посета на манастирот „Свети Наум“ на брегот на Охридското Езеро. За неа информира руската амбасада, која на Фејсбук објави фотографија на која до Зиков е митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј. Според објавата, средбата се одржала на 4 август.
„Шефот на руската дипломатска мисија им подари на свештениците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија 49 тома од Православната енциклопедија како подарок од Балканскиот кабинет на Московската теолошка академија. Посетата уште еднаш ја потврди силата на духовните врски што ги поврзуваат црквите и народите на нашите земји“,пишува во објавата.

Фото: Фејсбук-профил на Амбасадата на Русија
(Не)пријатели
Контактите на Македонска православна црква – Охридска архиепископија со амбасадор на Русија се случуваат во време кога односите меѓу Скопје и Москва се на историски најниско ниво. Како членка на НАТО, Северна Македонија застана зад одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина при руската инвазија во февруари 2022 година. Земјава донира и значителен дел од своето старо, советско оружје, за потребите на украинската армија.
Ваквата поставеност ја смести Македонија на листата непријателски земји за Москва, заедно со речиси целиот западен свет. Од тој момент, во повеќе наврати, Македонија протера вкупно 11 руски дипломати. Таа статистика ги вклучува и тројцата протерани дипломати во септември 2023 година, кога македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека тие презеле активности во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.
Речиси истовремено за непожелен во земјава беше прогласен и шефот на руското црковно предворје во Софија, Васијан Змеев, кој беше чест гостин во седиштето на МПЦ-ОА. За негова заслуга се смета застојот во односите со Вселенската патријаршија за целосно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Фото: Принтскрин (видео: „Агент за влијание во Скопје“ на Советот за етика во медиумите)
Имајќи ги предвид тензичните политички односи на релација Скопје – Москва и истовремено срдечните меѓу МПЦ-ОА и Русија и Руската православна црква, „360 степени“ упати прашања до Македонската парвославна црква – каква порака се испраќа со зачестените средби со руски државни и црковни претставници и која е, всушност, нивната конкретна цел?
„Станува збор за две среќавања, но за една средба помеѓу Неговото Блаженство Aрхиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и амбасадорот на Руската Федерација, Неговата Eкселенција г. Дмитриј Зиков. Средбата од 18 јуни 2026 г. остварена во кабинетот на Блаженејшиот може да се смета како официјална, додека втората, од 15 јуни 2026 г., како што и самите знаете, беше протоколарно среќавање на настан организиран од страна на Руската амбасада по повод Денот на Руската Федерација, каде меѓу останатите гости, присутен беше и Архиепископот придружуван од еден митрополит. За двата настани јавноста беше информирана. Но, не секоја средба подразбира испраќање на порака. Синодот настојува да постапува транспарентно и секогаш кога постои потреба од упатување порака до јавноста, тоа го прави преку давање изјави или официјални соопштенија“, одговорија од МПЦ-ОА.
Во конкретниот случај, по средбата, МПЦ-ОА објави соопштение на својата интернет-страница. Но, тоа содржи само информација дека таква средба се одржала. Како и при одговорот на нашето прашања, немаше објаснување за целта и пораките.
Дела и зборови
Но, официјалната средба и протоколарното среќавање (како што ги нарекува МПЦ-ОА) од јуни годинава не се исклучок. Ариепископот Стефан и други ченови на Синодот се редовни гости на настани организирани од руската амбасада. На пример, архиепископот со уште петмина владици присуствуваше на приемот по повод Денот на Русија во 2025 година. Ќе повториме, во услови кога освен Стоилковиќ, никој друг од власта не присуствува на вакви настани.
Новинарот и аналитичар Марјан Николовски, во зачестените контакти меѓу врвот на МПЦ-ОА и Амбасадата на Руската Федерација, гледа како на сериозен обид за политичко мешање во земјава. Не поради тоа што Македонската православна црква комуницира со Москва.
„Тоа го препознавам можеби низ аспектот што последните две-три години, ако не и од 2022, од доаѓањето прво на Васијан Змеев во Македонија, веројатно е обидот да се манипулира со емоциите во поглед на именувањето на црквата. Па сега, ние имаме некоја форма на тоа дека Руската црква нас сè ни признава, оние другите, Грците, нè мразат, не ни даваат да се викаме македонска, еве Русите ни даваат. Но, во основа, мислам дека има и клирици во МПЦ, и од високиот врв и од понискиот, кои искрено веруваат, убеден сум дека има такви, дека Западот е лош за православието, има намера да го уништи, а чуварот на тој православен ореол на Македонците и може да го спасат само Русија, Путин и Кирил“,вели Николовски.
Европската Унија (ЕУ) се обидува, но не успева да договори санкции против него. На средината на јули годинава пречка беше Бугарија, која стави вето на таквиот предлог. На тој начин Софија ја презеде палката од Будимпешта, која, почнувајќи од 2022, година ја блокираше таквата одлука додека со Унгарија раководеше Виктор Орбан.
целата строија на 360. тука




