дома Локално Општина Гази Баба организира комеморативен настан посветен на десетгодишнината од невремето во...

Општина Гази Баба организира комеморативен настан посветен на десетгодишнината од невремето во кое загинаа 22 лица

 Општина Гази Баба денеска ќе одржи комеморативен настан посветен на одбележувањето на 10-годишнината од катастрофалните поплави од 2016 година во Стајковци и други населени места и Сингелиќ, во кои загинаа 22 лица. На настанот ќе им биде оддадена почит на загинатите и ќе биде испратена порака дека споменот, солидарноста и одговорноста се трајна обврска.

Општина Гази Баба организира комеморативен настан посветен на десетгодишнината од невремето во кое загинаа 22 лица– Поминаа 10 години од катастрофалната поплава која на 6 август 2016 година ја погоди Општина Гази Баба и однесе човечки животи, зад себе оставајќи неизмерна болка, уништени домови и семејства кои засекогаш останаа без своите најмили. Денес, со длабока почит и пиетет, се поклонуваме пред споменот на сите оние кои трагично ги загубија своите животи. Нивниот спомен ќе остане вечен, а нивната судбина засекогаш ќе нè потсетува колку е непроценлива вредноста на човечкиот живот – посочија вчера на десетгодишнината од настанот од Општина Гази Баба.

Од Општината изразуваат искрена благодарност до сите кои во тие тешки денови покажале несебична хуманост и солидарност.

– Благодарност до спасувачките служби, припадниците на Армијата и Министерството за внатрешни работи, пожарникарите, Црвениот крст, здравствените работници, институциите, доброволците, хуманите граѓани и сите кои без двоумење подадоа рака кога беше најпотребно. Трагедијата од 2016 година покажа дека и во најтешките мигови нашите граѓани знаат да бидат едно. Таа солидарност, човечност и меѓусебна поддршка остануваат најголемата сила на нашата заедница – наведуваат од Општината.

Оттаму наведуваат дека продолжуваат да вложуваат во превенција, безбедност и инфраструктура, со цел никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија и да биде изградена уште посигурна и поотпорна општина за идните генерации.

Невремето што на 6 август се случи во Гази Баба предизвика поплави во кои загинаа 22 лица. Попладнето на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер. Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново.

Во текот на 24 часа на 6 август 2016 во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.

Невремето и поројот од вода предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.

Управата за хидрометеоролошки работи во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид – главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.

ПредходнаМозаичната икона „Исус Христос на престол“ од XIV век ќе биде претставена во Галеријата на икони во Охрид
СледнаМВР: 222 сообраќајни прекршоци од возачи на мотоцикли, 14 лишени поради безобѕирно возење