
Јапонските власти им издадоа наредба за евакуација на речиси 260.000 луѓе во југозападна Јапонија, пред налетот на тајфун Делфин, кој се приближува кон регионот, носејќи силен ветер, пороен дожд и високи бранови.
Поради тајфунот откажани се и повеќе од 500 летови планирани за денеска, а „Тојота“ ја прекина работата во девет свои фабрики.
Тајфунот од прва категорија се движи со брзина од 144 километри на час, со налети на ветар до 198 километри на час. Според Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА), на удар на тајфунот ќе се најде регионот меѓу островите Кјушу и Окинава.
Наредби за евакуација се однесува на жители во префектурите Кагошима и Окинава.
Се очекува „Делфин“ да ја задржи својата сила додека се приближува до Окинава, зголемувајќи го ризикот од ветрови кои би можеле да оштетат или урнат некои структури, предупредија властите.
Од Метеоролошката агенција најавија дека може да има и интензивни врнежи од дожд и грмежи кои би можеле да предизвикаат поплави.
Големото невреме ќе зафати и делови од островот Кјушу, вклучувајќи ја и префектурата Кумамото, која сè уште се опоравува од минатонеделниот земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтер.
Околу 6.700 жители на Кумамото се уште се во центрите за евакуација по уривањето на многу куќи.
Метеоролошката агенција во исто време предупреди и на ризик од топлотен удар, при што во некои области се очекува температурите да достигнат и до 36 Целзиусови степени.




